Со доаѓањето на пролетта и отворањето на сезоната на викенд-патувања, расте побарувачката за услуга што до неодамна се сметаше за луксуз – професионално чистење на викендички.
Овој бизнис доживува експанзија низ цела Македонија, особено во околината на Охрид, Преспа, Катлановска Бања и на Скопска Црна Гора.
„Секоја сабота имам по најмалку три викендички за чистење“, вели Славица Костовска од Љубанци, која веќе петта година работи како сезонска чистачка. „Сопствениците доаѓаат само за викенд и сакаат сè да ги чека чисто, проветрено, со искосени тревници и избришани тераси. Мене тоа ми е работа, а ним – мир“.
Бизнисот се појавил природно, од потребата на сопственици кои не живеат во близина на своите викендички, но сакаат при секое доаѓање да не губат време со метла во рака. Повеќето од нив се луѓе од Скопје, Битола или од Куманово, кои викендите ги поминуваат во рурална или планинска средина, далеку од градската врева.
Сè почесто, пак, ангажманот не е само еднократен. Постои и договорена неделна или месечна грижа за имотот – вклучително и проверка на водоводот, проветрување на просторот и косење трева.
„Ова повеќе не е само ‘чистење’. Ние се грижиме за објекти кои се празни по неколку дена, па дури и месеци. Луѓето сакаат некој да внимава и да реагира ако има нешто необично“, објаснува Наташа Глигорова, која работи како координатор на тим од четири жени во околината на Скопје.
Интересен момент е што овој тип на работа привлекува и жени кои порано работеле во други сектори.
Пензионерки, домаќинки, дури и поранешни угостителки, кои во сезоната заработуваат пристојна дополнителна плата. Нивната дневна заработка варира од 1.000 до 2.500 денари, во зависност од квадратурата на викендицата и обемот на работа.
„Најмногу работа имаме пред празници – Велигден, 1 Мај и Илинден“, раскажува Мимоза, која покрива викендички околу Маврово. Некои клиенти бараат само генералка еднаш во месецот, други сакаат постојана грижа. Во секој случај, телефоните ѕвонат“.
Иако секторот е сè уште неформален, некои жени размислуваат и за регистрација како самовработени. Дел од нив веќе нудат услуги и преку интернет – преку огласи на Фејсбук и локални портали.
Во време кога многу луѓе се соочуваат со нестабилни вработувања, ваквите сезонски бизниси покажуваат дека трудољубивоста и снаодливоста сè уште се исплатат – а со малку организација, „чистачка на викендички“ може да стане повеќе од само дополнителна работа.
Може да биде вистински, стабилен и одржлив микро-бизнис.
Б.З.М.