Криптовалутите ветуваат брз профит, но за многумина – реалноста е поинаква. Во трката по „брза пара“, многу граѓани, и во Македонија, и ширум светот, остануваат со празни дигитални паричници и уште поголема доза на разочараност.
Според експертите, загубите често не се последица на лоша среќа, туку на конкретни грешки што се повторуваат од инвеститор до инвеститор.
Ги издвојуваме петте најчести.
1.Инвестирање без знаење – еуфорија без анализа
Првата и можеби најкритична грешка е влегувањето во светот на криптовалутите без никакво разбирање за тоа како функционираат.
„Секој втор клиент што доаѓа кај нас има инвестирано само затоа што чул од пријател дека некој направил богатство. Никој не читал за блокчејн, не знае што е волатилност, ниту што значи поимот ‘пазарна капитализација’“, вели Ведран Кузмановски, економски аналитичар.
2.Купување на врвот – кога е веќе доцна
Една од најтипичните грешки е купување кога цените веќе експлодирале.
Инвеститорите во паника дека ќе го пропуштат „возот“ купуваат на највисоки цени, само за неколку дена или недели подоцна вредноста да се преполови.
„Тоа е психолошки феномен – FOMO (fear of missing out). Ги заслепува луѓето и ги тера да реагираат импулсивно“, додава Кузмановски.
3.Следење на „совети“ од интернет гуруа и инфлуенсери
Во ерата на социјалните мрежи, сè повеќе луѓе вложуваат пари водени од совети на непроверени крипто-инфлуенсери.
„Читав твит од некој со 200.000 следбеници кој тврдеше дека токенот Х ќе скокне 10 пати. Купив. Падна 90%. Подоцна дознав дека тоа е платена промоција“, раскажува Анастасија, студентка од Битола која изгубила над 1.500 евра.
4.Немање стратегија и планирање
Мнозинството мали инвеститори немаат план – ниту кога да купат, ниту кога да продаваат. Реагираат на моменти, со надеж и страв.
„Ако немаш цел, ќе те водат емоциите. А емоциите и пазарот не се добар спој“, вели Кузмановски.
5.Доверба во сомнителни платформи и измами
На пазарот демнат и многу лажни крипто-платформи, со ветувања за загарантирани добивки.
„Имаме случаи каде луѓе од Македонија вложувале и по 10.000 евра во измамнички шеми, па потоа никој не им одговара.
Платформите исчезнуваат преку ноќ“, вели претставник од финансиската полиција кој инсистираше на анонимност.
Што е пораката?
Криптовалутите се алатка – можат да донесат добивка, но само ако се користат со трпение, знаење и критичко размислување.
Ако не се инвестира со глава, лесно се губи и она што со години било заработено. Или, како што вели економистот Кузмановски:
„Најдобрата инвестиција е во знаењето. Сѐ друго е коцкање“.
Б.З.М.