22 април, 2025
ПочетнаКОМПАНИИАкциите на „LVMH“ пропаѓаат по разочарувачките квартални резултати

Акциите на „LVMH“ пропаѓаат по разочарувачките квартални резултати

Акциите на „LVMH“ драстично паднаа откако компанијата за луксузни стоки објави продажба пониска од очекуваната, под влијание на слабата побарувачка за висококвалитетни стоки во Кина и САД, како и заканата од трговска војна.

Нејзините акции се намалени за 7,6% по објавувањето на извештајот за првиот квартал од годината, со што нивниот пад за оваа година е 22%, пишува „Bloomberg“. Паѓаат и акциите на конкурентите за луксузни стоки, вклучително и сопственикот на „Prada“ на берзата во Хонг Конг и сопственикот на „Gucci“ – „Kering“.

Приходите на одделот за мода и кожни производи на француската луксузна групација, кој е и нејзин најголем дел, паднаа за 5 отсто на органска основа во првиот квартал, соопшти „LVMH Moët Hennessy Louis Vuitton“. Аналитичарите очекуваа пад од 0,55%.

Предводена од милијардерот Бернард Арно, „LVMH“ е првата европска луксузна групација што ги објави резултатите од првиот квартал. Компанијата се смета за репер во индустријата бидејќи продава широк спектар на производи од високата класа – од облека на „Christian Dior“ до веренички прстени на „Tiffany“, часовници „Tag Heuer“ и шампањот „Dom Perignon“.

Пазарот на луксузни стоки се обидува да излезе од период на слаб раст, делумно предизвикан од кинеските купувачи кои ги ограничуваат скапите набавки. Изгледите на индустријата станаа уште помрачни откако американскиот претседател Доналд Трамп овој месец воведе царина од 10 отсто на увозот од Европската унија (ЕУ), додека ги одложи плановите за дополнителни давачки од 20 отсто за 90 дена.

Продажбата во САД, која сочинуваше 24% од вкупната продажба на „LVMH“ во кварталот, падна за 3%, пропуштајќи ги очекувањата за скромен раст. За регионот кој ја вклучува Кина, вестите се уште полоши, со тоа што продажбата таму се намали за 11%, или повеќе од двојно повеќе од прогнозираното. Само во Европа е забележан раст.

Намалена е продажбата на сите сектори, освен на часовници и накит, кои останаа непроменети. Вината и алкохолните пијалоци забележаа најголем пад – од 9%.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП