16 април, 2025
ПочетнаКАРИЕРАДиспечерите во Македонија го живеат американскиот сон

Диспечерите во Македонија го живеат американскиот сон

Сè поголем број млади луѓе од Македонија ги заменуваат канцелариите со работните маси во своите домови, а платата не им стигнува од домашна фирма – туку од американски транспортни компании.

Работата како диспечер за камиони во последните години стана атрактивна можност за солидна месечна заработка без иселување од државата.

Иако делува како „зад сцена“ професија, диспечерите се клучна алка во ланецот на американскиот транспортен систем. Тие комуницираат со возачи, организираат товарење и истоварување на роба, преговараат со брокери и се грижат сè да оди по план.

Она што е интересно е што оваа работа може да се врши од било каде – доволни се компјутер, стабилен интернет и одлично познавање на англискиот јазик.

„Јас работам од дома во Битола, а практично сум дел од тим што се наоѓа во Чикаго. Работам веќе 14 месеци како диспечер и моментално земам плата од околу 3.200 долари месечно. Не мора да заминам во странство за да имам странска плата“, вели Александар Илиевски (29), кој претходно работел како келнер.

Повеќето диспечери почнуваат со основна плата од 800 до 1.200 долари, но со искуство и докажани резултати, таа брзо расте.
Некои работат на процент од профитот што ќе го донесат, а другите имаат фиксна плата и бонуси. Работното време најчесто е во втора смена – од 14 до 23 часот – бидејќи се работи по американско време.

„Прво ми беше тешко да се прилагодам на смената, но кога почнаа да стигнуваат парите, сè стана полесно. Сега не само што плаќам кирија и трошоци сам, туку и заштедувам. Ова не е само работа, туку шанса за живот со помалку стрес и повеќе слобода“, објаснува 25-годишната Теа од Велес.

Компаниите што вработуваат диспечери во Македонија најчесто се подружници на американски фирми или локални бизниси кои работат исклучиво со американски пазар. Платите се далеку повисоки од просекот во Македонија, а работното опкружување е модерно, со ментори, обуки и можности за напредок.

„Најважно е човек да е комуникативен, организиран и да знае англиски. Сè друго се учи со време. Секој што сака да работи и да напредува – може да успее“, смета Бобан, менаџер во локална диспечерска агенција во Скопје.

Работата како диспечер им овозможува на младите да останат во земјата, да заработуваат како да се во САД и да имаат контрола над своето време и живот.

Во време кога масовно се размислува за напуштање на државата, оваа професија претставува пример дека може да се живее пристојно и од овде – само ако се отвори вратата кон глобалниот пазар.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП