Состојбата на нашата кожа често го одразува целокупното здравје на телото, а со возраста таа станува сè почувствителна на надворешни влијанија. Иако стареењето е неизбежен процес, одредени навики во исхраната можат да го забрзаат и негативно да влијаат на изгледот и еластичноста на кожата.
Конзумирањето храна богата со шеќер, рафинирани јаглехидрати и нездрави масти може да ги стимулира воспалителните процеси, да доведе до појава на акни и да го забрза создавањето на брчки. Според д-р Ерик Берг, доколку сакате здрава и сјајна кожа, треба да се избегнуваат следниве намирници.
Храна со ниска содржина на маснотии
Иако производите со малку маснотии често се претставени како поздрав избор, тие можат да имаат негативно влијание врз кожата. Нашата кожа зависи од здравите масти, бидејќи тие се клучни за производство на витамини растворливи во масти – А, Д, Е и К, кои играат важна улога во одржувањето на здравјето на кожата.
Слатка храна
Храната богата со шеќер може сериозно да го оштети колагенот и еластичноста на кожата, придонесувајќи за појава на брчки и акни. Високиот внес на шеќер го зголемува нивото на инсулин, што го поттикнува производството на андрогени – хормони кои ги стимулираат лојните жлезди и можат да предизвикаат појава на акни. Дури и „здравите“ производи, како овошните сокови, можат да бидат полни со скриен шеќер.
Житарици
Иако често се сметаат за здрав избор, некои видови зрна може да предизвикаат воспалителни реакции во телото. Глутенот и лектините присутни во зрната може да придонесат за проблеми со кожата, вклучувајќи егзема и псоријаза. Покрај тоа, житарките се богати со омега-6 масни киселини, кои можат да ги зголемат воспалителните процеси.
Преработени протеини
Протеините од растително потекло, како што се изолатите од соја, често се наоѓаат во преработената храна и може да бидат лош избор за кожата. Високото ниво на преработка на овие протеини ја намалува нивната хранлива вредност, а прекумерното консумирање може негативно да влијае на здравјето и изгледот на кожата.
Храна со малку антиоксиданси
Антиоксидансите се клучни за заштита на кожата од штетните влијанија на околината, вклучително и УВ зрачењето и загадувањето. Исхраната базирана на преработена храна, бел леб и нездрави грицки може да доведе до недостаток на антиоксиданси, што може да ја ослаби природната одбрана на кожата и да го забрза нејзиното стареење.
Ако сакате здрава и блескава кожа, внимавајте на исхраната и изберете храна богата со хранливи материи, здрави масти и антиоксиданси!