Во Македонија, концептот на скратена работна недела добива нова димензија, но не онаа за која сонуваат работниците.
Додека во развиените земји намалувањето на работните часови значи подобрување на квалитетот на животот, кај нас тоа често значи повеќе работа за помалку пари.
Работиш седум, плаќаат четири
Работниците во многу сектори, особено во угостителството, трговијата и индустријата, се соочуваат со непишано правило: неделата има седум дена, но платата важи само за четири или за пет.
Според истражувањата, значителен дел од работниците во приватниот сектор работат прекувремено, често без соодветен надоместок.
Тоше Петровски, келнер во скопско кафуле, споделува:
„Според договорот, треба да работам 40 часа неделно, но во реалноста ретко кога излегувам под 55 часа. Дополнителните часови никој не ми ги плаќа. Ако побарам слободен ден, ризикувам да останам без работа“, објаснува Петровски.
Слично искуство има и Весна Јовановска, продавачка во еден супермаркет:
„Неделата ми почнува во понеделник, а завршува во недела навечер. Добивам минимална плата, а секој дополнителен час се води како ‘добра волја’ кон работодавецот. Ако не прифатиш, следниот месец ќе бараш друга работа“, вели Јовановска.
Законите постојат, но кој ги почитува?
Законот за работни односи јасно предвидува максимален број работни часови и надоместоци за прекувремена работа. Но, спроведувањето на овие регулативи е една од најслабите алки во системот.
Инспекторатите честопати немаат капацитет или волја да интервенираат, а работниците ретко се осмелуваат да пријават злоупотреби, стравувајќи од отказ.
„Работодавците најдоа начин да ја заобиколат законската регулатива“, објаснува економскиот аналитичар Ведран Кузмановски. „Во многу случаи, работниците се пријавени на минималец, а остатокот од платата го добиваат неофицијално, што им ја намалува заштитата. Работата преку празници и викенди често не се евидентирани“.
Луксуз за едни, норма за други
Додека некои компании експериментираат со скратена работна недела како начин да ја зголемат продуктивноста и благосостојбата на вработените, други продолжуваат со праксата на максимално искористување на работната сила без фер надомест.
„Во некои ИТ-компании и меѓународни корпорации во Македонија, скратената работна недела е реалност“, вели Кузмановски. „Но во секторите каде што работниците најмногу се трошат – градежништво, трговија, услужни дејности – ова е само сон“.
Што е решението?
Работниците бараат построга контрола од институциите, поголема синдикална организираност и јасни механизми за заштита.
Но, додека тие чекорат по тенкиот лед меѓу егзистенцијата и правдата, работодавците продолжуваат да профитираат од нивниот труд.
Скратената работна недела може да биде успешен модел за подобар баланс меѓу работата и приватниот живот – но само ако важи за сите.
До тогаш, за многумина, оваа реформа останува само уште една недостижна европска бајка.
Б.З.М.