„Macy’s“ објави малку послаба прогноза за приходите од продажба за тековниот квартал, што е знак дека раководството на компанијата можеби било премногу оптимистично во однос на очекувањата за силна празнична шопинг сезона.
Најголемиот оператор на стоковни куќи во Соединетите држави соопшти дека очекува нето приходите од продажба за тековниот квартал да бидат од 7,8 милијарди долари до 8 милијарди долари или малку под опсегот што менаџерите го најавија минатиот месец. Аналитичарите анкетирани од „Bloomberg“ очекуваат 7,8 милијарди долари.
Цената на акциите на „Macy’s“ падна за 2,6% пред почетокот на тргувањето во Њујорк во понеделникот. Минатата година вредноста на акциите на гигантот падна за 16 отсто, додека индексот S&P 500 Midcap 400 забележа раст од 12%.
Компанијата ја задржа својата прогноза за заработка по акција, се вели во соопштението објавено денеска пред презентацијата на „Macy’s“ на конференцијата „ICR“.
Во декември, директорите на „Macy’s“ рекоа дека очекуваат претпазливи, но ангажирани купувачи за време на празничната сезона. Тие, исто така, ја зголемија својата прогноза за приходите од продажба – перспектива што изгледа дека на крајот ќе испадне премногу розова. Во понеделникот, компанијата соопшти дека споредливите приходи од продажба на „Macy’s“ биле практично непроменети во деветте недели заклучно со 4-ти јануари во споредба со една година порано.
Откако ја презеде функцијата пред речиси една година, извршниот директор Тони Спринг се фокусираше на затворање на продавниците на „Macy’s“ со слаби перформанси и инвестирање повеќе ресурси во 50-те продавници за кои тој и неговиот тим веруваат дека имаат поголем потенцијал. Овие продажни места продолжија да бележат позитивни споредливи приходи од продажба во кварталот до 4-ти јануари, се вели во соопштението на компанијата.
„Macy’s“ соопшти дека ја проширува оваа иницијатива на дополнителни 75 локации за што Спринг рече дека го одразува „континуираниот позитивен одговор“ на стратегијата со 50 продавници. Ова вклучува ангажирање повеќе вработени и фокусирање на продажба на помалку, но подобри стоки кои се особено популарни кај купувачите на стоковните куќи (како што се чевли и чанти), меѓу другите мерки.