Индија нè навикна на евтини автомобили, а сега во таа земја се претставени два нови теренци, од кои еден може да заврши дури и во Европа.
„Mahindra BE 6e“ и „Mahindra XEV 9e“ се два 100% електрични SUV автомобили со модерен дизајн и напредна технологија и се слични на концептите откриени во 2022-ра година.

Поголемиот е „XEV 9e“ (црвен на сликите), но „BE 6e“ е малку поагресивен. Тие имаат исто меѓуоскино растојание од 2.780 mm, но „XEV 9e“ е долг 4.790 mm, додека „BE 6e“ е долг 4.370 mm.
Внатре, дизајнерите на „Mahindra BE 6e“ сакаа да ви ја дадат „атмосферата“ како да седите во борбен авион – напред има два екрани со дијагонала од 12,3 инчи, како и уште еден „Heads Up“ екран со функции „AR“.

Поголемиот модел е полуксузен, па има три екрани со дијагонала од 12,3 инчи, потоа панорамски покрив кој е осветлен, како и аудио систем „Harman Kardon“ со 16 звучници и „Dolby Atmos“.
Двата модели се со погон на задните тркала и имаат 231 ks или 286 ks во зависност од тоа која верзија ќе ја изберат клиентите. Најголемата батерија има домет од 533 km за „XEV 9e“, како и домет од 550 km за „BE 6e“.

Тие се многу евтини како што се очекува од Индијците – „Mahindra BE 6e“ започнува со основна цена од околу 21.200 евра, додека „Mahindra XEV 9e“ е нешто поскапа и чини од 24.600 евра нагоре.

Има дури и шанса „BE 6e“ да дојде во Европа. Од „Mahindra“ велат дека имаат такви планови, но не може да кажат ништо за деталите.