Ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток може да произведе значителни економски последици за регионалната и глобалната економија, додека цените на суровините ќе останат под максимумот од минатата година, објави Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
„Потенцијалот за понатамошна ескалација на конфликтот ги зголемува ризиците и неизвесноста и може да има значителни економски последици за регионот и пошироко. ММФ продолжува со внимание и загриженост да ја следи ситуацијата во јужен Либан“, изјави портпаролката на ММФ Џули Козак.
Според неа, ММФ испратил сочувство до семејствата на загинатите во конфликтите.
Козак додаде дека е премногу рано да се предвидат конкретни влијанија врз глобалната економија, но исто така додаде дека економиите во регионот веќе претрпеле големи последици, особено во Газа, каде цивилното население се соочува со тешки социо-економски услови, хуманитарна криза и недоволна испорака на помош.
Според проценките на ММФ, бруто домашниот производ (БДП) на Појасот Газа паднал за 86 отсто во првата половина од годината, додека на окупираниот Западен Брег веројатно паднал за 25 отсто во истиот период, со изгледи за натамошно влошување.
БДП-то на Израел се намали за околу 20 отсто во четвртиот квартал од минатата година по почетокот на конфликтот, а само делумно закрепнување имаше во првата половина од оваа година.
„Главниот начин на кој конфликтите на Блискиот Исток би можеле да влијаат на глобалната економија е преку зголемените цени на суровините, вклучително нафтата и житарките, како и зголемените транспортни трошоци, бидејќи бродовите избегнуваат пловење низ Црвеното Море“, рече Козак.
Таа додаде дека Либан постигнал договор со ММФ за потенцијална програма за заем во 2022-ра година, но немало доволно напредок во неопходните реформи.
„Подготвени сме да работиме со Либан за евентуална програма за финансирање кога ситуацијата е погодна за тоа, но би било неопходно да се преземат одредени активности и да се преземат решителни политички мерки“, рече Козак.