Легендарното име кое банкротираше пред 70 години се враќа со интересен спортски автомобил. „Saoutchik“ е познат француски производител од 1920-тите, но овие денови им е познат само на страсните колекционери.
Во златното доба на автомобилизмот, фирмата беше позната по својата работа на каросерии за брендови од „Jaguar“, преку „Renault“, па се до „Cadillac“. Нивната асоцијација со „Mercedes“ беше можеби најдобро запаметена по помагањето во каросеријата на „680 S Torpedo“ и „500 K Cabriolet“.

Сега Французите се вратија со спортски автомобил со впечатлив изглед базиран на иконскиот „Mercedes 300 SL“. Наречен „Saoutchik 300 GTC“, „ѕверот“ му оддава почит на историското партнерство со германската марка. Производителот, кој банкротираше во 1955-та година, тврди дека „300 GTC“ е рачно изработен со „сиот дух и личност на иконскиот модел ‘Mercedes 300 SL’“.
Автомобилот се одликува со многу ретро стил, вклучувајќи ниска решетка, големи тркалезни фарови, разгорени браници и 22-инчни хромирани тркала. Внатре, изгледа врз основа на неколку различни модели на „Mercedes“ – со дисплеј на возачот сличен на претходната генерација „SL“, додека распоредот на контролната табла изгледа како актуелен хит од Штутгарт.

Иако информациите за „300 GTC“ се малку, се претпоставува дека ќе ја добие најдобрата верзија на 4.0-литарскиот V8 мотор со двојни турбо полначи на „Mercedes SL“, кој може да произведе 577 ks. За жал, само 15 примероци од „300 GTC“ ќе бидат пуштени во продажба и најверојатно ќе чинат прилично многу. Иако цената се уште не е објавена, „Autoexpress“ предвидува дека ќе го засени најскапиот „Mercedes SL 63 SE Performance Ultimate“ (340.000 евра).
Малку друго се знае за „Saoutchik“ и нивното враќање. Сепак, објавите на компанијата на социјалните мрежи сугерираат дека тие соработувале со „Ugur Sahin Design“, холандска дизајнерска компанија и „Pogea Racing“, германска тјунинг фирма.