Во последните денови, амбулантите низ земјата се преполни со пациенти кои се жалат на слични симптоми – растечен нос, високи температури, дијареа, повраќање и болки во мускулите.
Граѓаните се во паника, а медицинските служби се под голем притисок да ги разликуваат настинките, грипот и ковид-19.
„Секој ден гледам како се зголемува бројот на пациенти со слични симптоми. Проблемот е во тоа што симптомите на овие три заболувања можат да бидат многу слични, што ја отежнува точната дијагноза без лабораториски тестови“, ни изјави матичен лекар на територијата на Ѓорче Петров.
Покрај симптомите кои ги споменавме, граѓаните често се соочуваат со слабост, кашлица и главоболки, што дополнително ги збунува.
36-годишниот Александар Новевски од Скопје вели: „Имам температура и болки во телото веќе три дена. Се прашувам дали е настинка, грип или можеби ковид-19. Немајќи јасна дијагноза, емоционално и физички сум исцрпе“.
Според најновите податоци од здравствените власти, бројот на случаи на грип и ковид-19 е зголемен.
„Имаме случаи на сите три заболувања. Грипот и ковид-19 можат да предизвикаат сериозни компликации, па е важно да се направи соодветен тест за да се утврди точната дијагноза“, вели матичниот лекар со којшто разговаравме.
Граѓаните се советуваат да ги следат препораките на медицинските експерти.
„Во секој случај, ако имате висока температура и други симптоми, најдобро е да се консултирате со лекар. Не треба да се самолекувате или да ги игнорирате симптомите“, советуваат познавачите.
На прашањето што да се прави ако се јават симптоми, тие одговорија:
„Прво, одмор и доволно течности. Важно е да се избегнува контакт со други лица за да се спречи можната распространетост на инфекцијата. Следниот чекор е да се направи тестирање, посебно ако симптомите се тешки или се појавуваат нови“.
Анкетата што ја спроведовме помеѓу граѓаните покажува дека многумина од нив се вознемирени.
„Постојано се плашам за своето здравје и здравјето на моето семејство. Не знам дали да одам на тестирање или да се обидам со домашно лекување. Пресудно е да се добие точна информација“, вели 29-годишната Анита Костова.
Здравствените власти апелираат на трпеливост и дисциплина, додека системот се справува со зголемениот број на пациенти.
„Тимовите од амбулантите и болниците работат напорно за да се справат со ситуацијата. Здравствената ситуација се следи во реално време и ќе се направи сè што е потребно за да се обезбеди безбедност на граѓаните“, смируваат медицинарите.
Додека чекаме дополнителни информации, важно е да запомниме дека соодветната медицинска нега и превентивните мерки се клучни за справување со актуелната здравствена криза.
Б.З.М.