Кога станува збор за исхраната, многу луѓе избегнуваат одредени намирници од здравствени причини или поради губење на тежината. Чоколадото е една од тие намирници, позната по својата висока содржина на шеќер и масти.
Сепак, новото истражување сугерира дека консумирањето темно чоколадо може да обезбеди некои неочекувани здравствени придобивки.
Имено, една неодамнешна студија објавена во списанието Food Bioscience открива дека одредена хемиска супстанца која природно се наоѓа во многу растителни намирници може да го намали ризикот од дебелина и дијабетес тип 2.
Оваа хемиска супстанца, позната како полифеноли, има горчлив вкус и може да се најде во какаото, а највисоките нивоа на полифеноли обично се наоѓаат во темното чоколадо.
Полифенолите ги активираат рецепторите за горчлив вкус на јазикот, рецепторите тип 2 (TR2). Истражувачите од Технолошкиот институт Шибаура во Јапонија открија дека активирањето на TR2 во дигестивниот тракт предизвикано од полифенолите доведува до лачење на хормони кои можат да помогнат да се намали ризикот од развој на дијабетес тип 2 и дебелина.
Поточно, научниците открија дека активирањето на TR2 предизвикано од полифенолите во дигестивниот тракт доведува до лачење на гастроинтестинални хормони, вклучувајќи холецистокинини (CCK) и инкретини како GLP-1.
Познато е дека и двата хормони помагаат во намалување на апетитот и регулирање на нивото на шеќер во крвта.
-Овие хормони се познати по тоа што го регулираат однесувањето во исхраната и ја одржуваат толеранцијата на гликоза преку ендокриниот и нервниот систем. Затоа, можно е горчината на полифенолите да помогне во намалувањето на ризикот од дијабетес и неговите компликации преку активирање на T2R – вели професорката Наоми Осакабе од Технолошкиот институт Шибаура во соопштение за медиумите.
Резултатите сугерираат дека полифенолите, иако остануваат неапсорбирани, го стимулираат лачењето на хормоните со тоа што ги активираат рецепторите за горчлив вкус на клетките кои лачат дигестивни сокови, а со тоа го регулираат нивото на шеќер во крвта и апетитот.