Со минатогодишното преземање на домашниот конкурент „Credit Suisse“, швајцарската банка „UBS“ ќе ја зајакне својата позиција како најголем кредитор во Швајцарија, но спојувањето нема да ја елиминира конкуренцијата, истакна денеска швајцарскиот финансиски регулатор „Finma“.
Минатогодишното спојување на двете најголеми банки во Швајцарија покрена различни прашања во врска со зачувувањето на конкурентноста на швајцарскиот финансиски пазар, бидејќи зајакнатата банка е доста голема во однос на големината на швајцарската економија, пренесува француската новинска агенција АФП.
„Finma“ соопшти дека ја завршиле постапката за утврдување на влијанието врз конкурентноста во предметот, а на споената банка не и наложиле никакви дополнителни услови.
„Регулаторот заклучи дека спојувањето на „UBS“ и „Credit Suisse“ нема да ја елиминира ефективната конкуренција во ниту еден пазарен сегмент“, соопшти регулаторот, кој веќе го одобри преземањето од 3,25 милијарди долари во март 2023-та година.
Според „Finma“, спојувањето било во интерес на доверителите и било неопходно за да се спречи голема штета на швајцарскиот и меѓународниот финансиски пазар.
„UBS“ објави дека ја забележал одлуката на регулаторот. Како што најавија, тие ќе продолжат да се фокусираат на промовирање „живописна, конкурентна и фер средина“, ќе ги исполнуваат плановите за интеграција и „ќе останат столб на економска поддршка во Швајцарија и сите заедници каде што живееме и работиме“.
„Credit Suisse“ беше потресен од голем број скандали во последниве години, вклучително и обвинувања за перење пари, а во март минатата година банката беше под притисок кога колапсот на две регионални американски банки „SVB“ и „Signature“ ги потресе пазарите. Нејзините акции претрпеа големи падови, а мнозинскиот сопственик на банката, Саудиската национална банка, одби дополнителни финансиски инјекции.
„Credit Suisse“ се смета за една од околу 30 банки во светот кои се сметаат за премногу големи за да пропаднат поради нивната важност за меѓународниот банкарски систем.
По интервенцијата на швајцарската влада, „UBS“ најави дека истиот месец ќе ја преземе значително ослабената банка. Законски го заврши преземањето во јуни минатата година.