26 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРекорден раст на глобалните инвестиции во нуклеарно оружје

Рекорден раст на глобалните инвестиции во нуклеарно оружје

Глобалните трошоци за нуклеарно оружје се зголемија за 13 отсто на рекордни 91,4 милијарди долари во 2023-та година, според проценките на Меѓународната кампања за укинување на нуклеарното оружје (Ican).

Новиот вкупен износ, кој е за 10,7 милијарди долари поголем од претходната година, главно се должи на нагло зголемените буџети за одбрана на САД во време на поширока геополитичка несигурност предизвикана од руската инвазија на Украина и војната меѓу Израел и Хамас.

Деветте светски нуклеарни сили трошат повеќе од претходно, а Кина е на второ место со буџет од 11,9 милијарди долари, иако Пекинг е далеку под 51,5 милијарди долари пријавени од САД.

Русија е трет најголем трошач со 8,3 милијарди долари, по што следат Обединетото Кралство (8,1 милијарди долари) и Франција (6,1 милијарди долари), иако проценките за авторитарните држави или трите земји со непријавена нуклеарна програма (Индија, Пакистан и Израел) се попречени од недостаток на информации.

Сузи Снајдер, еден од авторите на студијата, предупреди дека нуклеарните нации „ќе трошат 100 милијарди долари годишно на нуклеарно оружје“, додавајќи дека парите наместо тоа би можеле да се искористат за еколошки и социјални програми.

„Овие милијарди би можеле да се искористат за борба против климатските промени и спасување на животните и растенијата кои го одржуваат животот на Земјата од истребување, а да не зборуваме за подобрување на здравствените и образовните услуги ширум светот“, вели таа.

За пет години откако „Ican“ го започна своето истражување, трошоците за нуклеарно оружје се зголемија за 34%, или 23,2 милијарди долари За тоа време, САД ги зголемија инвестициите за 45%, а Велика Британија за 43%. Имајќи го предвид овој тренд, вкупните трошоци во 2024-та година ќе надминат 100 милијарди долари.

Рускиот претседател Владимир Путин постојано се повикува на нуклеарниот арсенал на неговата земја за да го предупреди Западот во случај на воена интервенција во Украина. Во мај, Русија започна и серија вежби за симулирање на употреба на тактичко нуклеарно оружје во близина на украинската граница, пишува „Тhe Guardian“.

Други бројки собрани од Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (Sipri) покажуваат дека бројот на активни нуклеарни боеви глави е исто така поголем и изнесува 9.585, главно поради зголемувањето на кинескиот арсенал од 410 на 500.

Најголемите нуклеарни сили остануваат, како што се од 1950-тите, САД и Русија, кои поседуваат околу 90% од сите боеви глави. Русија има 4.380 нуклеарни боеви глави, додека САД имаат 3.708, додаваат истражувачите.

„Sipri“ пишува дека Кремљ има распоредено околу 36 боеви глави со оперативни сили повеќе отколку во јануари 2023-та година. Сепак, институтот додава дека и покрај јавните изјави на Путин и Александар Лукашенко, нема конкретни докази дека Москва распоредила некоја од своите нуклеарни проектили во Белорусија.

Нуклеарниот арсенал на Британија се проценува на 225, а на Франција на 290. Пред три години, Велика Британија соопшти дека ќе го зголеми лимитот на боеви глави што е подготвена да ги складира на 260 боеви глави „Тrident“ за да се спротивстави на заканите од Русија и Кина.

„Не сме виделе нуклеарно оружје да игра толку важна улога во меѓународните односи уште од Студената војна“, изјави за „Тhe Guardian“ Вилфред Ван, директор на програмата за оружје за масовно уништување на „Sipri“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП