Здружението „Аутизам ААМК“ денес во Градскиот парк во Скопје го организира настанот „Повторно заедно“ зад кој што застана и „Макпетрол“. Активни учесници во поддршката беа и дел од вработените на компанијата. Освен што го водеа штандот со едукативни материјали за кампањата „Крени глас против врсничко насилство“, тие беа дел и од волонтерскиот тим на „Школка“.
– Инклузивноста е вредност која што не треба само да се почитува, туку и секогаш да се бара начин како да се примени во пракса. Лицата со атипичен развој, особено децата, заслужуваат поддршка и можности за напредок како и сите останати. Иако нашата општествено одговорна кампања „Стоп за булинг“ има поинаков фокус, сепак, значаен дел од нејзината порака е да се прифаќаат и да се почитуваат различностите. Меѓу нашите главни цели е да помогнеме да се креираат услови за реализација на потенцијалите на децата, без разлика на нивниот тип на развој. Веруваме дека голем чекор напред ќе се направи доколку со заеднички сили го поддржиме кревањето јавна свест за аутизмот – вели Марија Јосифовска-Спасовска, член на Управен одбор и директор во „Макпетрол“.


