30 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИЌе се спојат ли двете најголеми германски банки?

Ќе се спојат ли двете најголеми германски банки?

Спојувањата и преземањата не се приоритет за „Deutsche Bank“.

Вака ги коментираше шпекулациите за иднината на локалниот конкурент „Commerzbank“, главниот извршен директор на банката, Кристијан Зевинг.

Двајцата германски кредитори се откажаа од плановите за спојување во 2019-та година, но загриженоста за профитабилноста на банките и извештаите дека владата размислува да продаде дел од своите акции, ги обнови гласините за можно спојување во последниве недели.

Државата сè уште поседува 15% од акциите во „Commerzbank“, но претходно оваа недела „Reuters“ објави дека министерот за финансии Кристијан Линднер е подготвен да го продаде.

Спојувањето на двете најголеми германски банки ќе создаде комбиниран ентитет со средства од околу 2 трилиони долари, иако ниското вреднување на „Deutsche Bank“ може да го комплицира таквиот потег.

Банката се тргува по околу 12 евра по акција, дел од нејзината книговодствена вредност, а значителен дел од активата ќе мора да биде отпишан.

Зборувајќи за „CNBC“, Зевинг се обиде да ги отфрли гласините, барем засега.

„Не би рекол дека тоа е на врвот на моите приоритети. Со години велев дека спојувањата и превземањата во банкарската индустрија, особено во Европа, мора да се случат во одреден момент, но најважно е дека одредени услови се состанаа од регулаторна гледна точка за финализирање на банкарска унија“, објасни тој.

„Очигледно, во однос на нагло зголемените каматни стапки, треба да се размислува за празнините со оглед на хипотекарните портфолија на многу банки, така што мислам дека тоа не е приоритет за оваа година“, додаде извршниот директор.

Во декември Долниот дом на италијанскиот парламент ги отфрли реформите на Европскиот механизам за стабилност – фондот за спас на еврозоната, кои беа одобрени од сите други земји од еврозоната, потсетува „CNBC“.

Ова го остави блокот неспособен да спроведе дел од законодавството за банкарската унија, опишано од претседателот на Еврогрупата (министрите за финансии на еврозоната) Паскал Донохое како „клучен елемент на нашата заедничка безбедносна мрежа“.

„Затоа се фокусираме на сопствената работа. Ако има можности и опции да се направи еден или друг помал додаток како што направивме со „Numis“, тогаш очигледно ќе го разгледаме“, заклучи Зевинг.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП