6 мај, 2024
ПочетнаАВТОБИЗИскусните автомеханичари ни бегаат во странство, а младите не сакаат ни да...

Искусните автомеханичари ни бегаат во странство, а младите не сакаат ни да чујат за оваа професија

Автомеханичарите, автолимарите и фарбарите на возила се најдефицитарните професии во цела Европа, според последните податоци од Европската комисија. Овој проблем го погодува и македонскиот пазар на труд, бидејќи нашите квалификувани кадри одат во странство да ги работат овие работи бидејќи таму се подобро платени.

Експерт за пазар на труд во неформален разговор за Денар вели дека тоа што механичарите и автолимарите заминуваат во странство не боли толку многу колку што боли фактот дека младите во Македонија воопшто не се заинтересирани за овие професии, па ќе дојде време кога нема да има кој да ни смени масло во автомобилот.

„Овие професии се многу важни за функционирањето на економијата и за задоволување на потребите на граѓаните. Но, за жал, младите ги одбегнуваат овие работи бидејќи сметаат дека се тешки, нечисти и непрестижни. Наместо тоа, тие сакаат да студираат нешто што им дава висок статус и голема плата, но не се свесни дека понекогаш пазарот на труд не ги бара тие профили”, вели нашиот соговорник.

Еден од механичарите кои се вратил од странство е Драган Илков од Скопје.

Тој една година работел во Германија, но се вратил во Македонија затоа што не можел да живее далеку од семејството и од пријателите.

Тој вели дека во Германија добивал околу 3.000 евра плата, но и таму имал трошоци за сместување, храна и превоз, па месечно едвај заштедувал 1.500 евра. Тој посочува дека тие пари и претходно ги заработувал во сопствениот сервис.

„Јас сум среќен поради тоа што се вратив во Македонија, бидејќи овде имам свој дом, своја работа и свои луѓе. Не ми е жал за искуството што го имав во Германија, бидејќи научив многу нови работи и видов како се работи во развиените земји. Но, мислам дека овде има иднина за овие професии, ако се вложи повеќе во образование, опрема и наградување на работниците”, вели Илков.

Според Европската комисија, потребата за автомеханичари и автолимари ќе продолжи да расте во наредните години, поради зголемената употреба на автомобили и развојот на нови технологии.

Затоа, овие професии претставуваат добра можност за младите кои сакаат да се занимаат со нешто што има побарувачка и перспектива на пазарот на труд.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП