4 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПристигнува серијата „ЛУЗНА“ во продукција на Телеком Србија, Амазон Прајм Видео и...

Пристигнува серијата „ЛУЗНА“ во продукција на Телеком Србија, Амазон Прајм Видео и шпанската РТВЕ

На прочуениот МИПКОМ во Кан – место кое им нуди можност на најголемите дистрибутери и производители на содржини како „Нетфликс“, „ХБО“, „Дизни“, и „Парамаунт“ да ги видат најдобрите проекти ширум светот – беше објавено дека Телеком Србија, водечкиот телеком оператор и креатор на врвна забава во Југоисточна Европа, ќе биде учесник во најголемиот проект во регионот.

Серијата „Лузна“ (Scar) ќе се снима во копродукција на српска, шпанска и мексиканска продукциска куќа, а екипата која стои зад серијата е добро позната и има добиено повеќе награди. Од писателите Пабло Роа, Фернандо Санкристобал и Вероника Марза, тимот кој стои зад некои од најнаградуваните проекти како што се „Куќата од хартија“ (La Casa de Papel), „Играчка“ (Toy Boy) и „Ѓавол“ (Diablero), пристигнува драма од осум епизоди кои ќе се снимаат во Србија и Шпанија кон крајот на годината, а во режија на Мигел Анхел Вивас, кој зад себе има неколку големи остварувања како „Куќа од хартија“, „Виз-а-ви“ и „Изумирање“.

Оваа серија ја следи приказната на Ирина, која на 9-годишна возраст преживеала брутален напад врз нејзиното семејство, по што тргнала на долго патување од Русија до Шпанија преку Балканот. На своето патување полно со драма и акција, Ирина се заљубува во Сајмон, непривлечен, но надарен програмер без социјални вештини, кој и самиот е во опасност, па нејзините планови и живот претрпуваат голема промена, но крајната цел останува иста.

Ова е синопсисот на најновиот, извонреден трилер „Лузна“ (Scar), кој ќе биде копродуциран од Телеком Србија, „Амазон Прајм Видео“ и шпанската телевизија РТВЕ, а е напишан според најпродаваниот роман на Хуан Гомес-Хурадо. Проектот ќе го водат продуцентските куќи „Плано а Плано“ и „Допамин“, додека извршни продуценти се „Асача Медиа Група“ и српскиот „Адреналин“.

„По докажаната лидерска позиција во Србија и регионот кога станува збор за производство на играни содржини, следен предизвик и можност за Телеком Србија е воспоставување странски копродукции. Првата во низата што ќе следи е со најголемите и најдобри тимови во светот во областа на продукција и креирање играни содржини, а тоа се „Амазон Прајм Видео“, РТВ Шпанија и креаторите на најгледаната серија на „Нетфликс“ – „ Куќа од хартија“. Благодарение на овој проект, ние сме горди партнери со глобално признат тим од продуценти и писатели, секој со неверојатно силно искуство, а она поради што проектот е навистина автентичен е интересната приказна делумно сместена во Србија, со српски актери, со делови од дијалогот што ќе биде на српски јазик. На овој начин, дополнително се препознава Србија како нова локација за светски хит серии, како и српските актери кои, благодарение на ваквите проекти, имаат можност да направат исчекор кон светската сцена“, изјави Александра Мартиновиќ, директорка на Дирекцијата за мултимедиуми на Телеком Србија.

„Телеком Србија е ангажиран во креативниот процес, вклучувајќи го и процесот на кастинг. Поради сето тоа сме горди што сме дел од овој тим. Сигурни сме дека проектот ќе донесе нешто автентично и дека дополнително ќе го подигне квалитетот, стандардот и инспирацијата за производство на играни содржини овде и во јадранскиот регион, кој е особено заинтересиран за спојување на домашни и меѓународни елементи“, додаде Мартиновиќ.

Цезар Бенитез, претседател на „Плано а Плано“, ја дефинира оваа копродукција како „амбициозен проект кој, благодарение на „Амазон Прајм Видео“, Телеком Србија и РТВЕ, отвора нов пат за меѓународна соработка и овозможува пристап до други деловни модели“.

Несомнено е дека проект од ваков обем ќе има значително влијание врз српската кинематографија и локалните актери. Прес-конференцијата во Кан предизвика голем интерес кај светските медиуми, кои, исто како и Хозе Пастор, раководител за фикција и кинематографија во РТВЕ, очекуваат „Лузна“ да стане голема хит-серија, не само во Шпанија, туку и надвор од неа.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП