4 мај, 2024
ПочетнаЗДРАВЈЕЈаболковиот оцет го продолжува животот – еден литар чини 150 денари, ама...

Јаболковиот оцет го продолжува животот – еден литар чини 150 денари, ама вреди за сите пари

Веројатно сте слушнале за лековитите својства на природниот органски јаболков оцет. За жал, тој ретко се наоѓа на пазарите, а и да го најдете на нечија тезга, едноставно не можете да му верувате на трговецот дека јаболката од коишто е направен оцетот се навистина органски и непрскани со хемикалии.

Но, чичко Стојан од Општина Долнени потпишува со две раце дека неговиот јаболков оцет не содржи ни грам хемија и дека е произведен исклучиво од органски јаболка.

-Освен тоа што одгледувам пчели, добиток и бавча со зеленчук, јас секоја година произведувам и домашен органски јаболков оцет. Станува збор за многу здрав пијалак, бидејќи го правам од свои јаболка кои ги одгледувам без хемикалии. Во моето село има планинарски дом, па оцетот најчесто им го продавам на планинарите кои секој викенд доаѓаат и преспиваат тука. Исто така, синот и ќерката продаваат оцет преку Интернет и можам да кажам дека заработувачката е прилично добра. Еден литар органски јаболков оцет го продавам за 150 денари, па сметам дека цената е прифатлива за сечиј џеб со оглед на тоа што еден литар ќе ви трае со месеци. Имам многу задоволни купувачи, а јас сум многу горд поради тоа – ни изјави чичко Стојан.

Тој објаснува дека производството на јаболковиот оцет трае 3 до 4 недели, во зависност од температурата.

-Процесот има две фази. Во првата фаза шеќерот се претвора во алкохол, а во втората фаза, со понатамошна ферментација на алкохолот се добива оцет. Јаболковиот оцет се користи како прехранбен производ и одличен е за поткиселување салати, но исто така има многу лековити и козметички својства и е особено добар за кожата на човекот – појаснува нашиот соговорник.

Во продолжение, го замоливме да ни ја открие тајната, односно процедурата како се одвива процесот на производство на јаболков оцет.

-Прво, за да направите домашен органски јаболков оцет, потребни ви се органски јаболка. Тие можат да бидат зрели, прекумерно зрели, па дури и гнили. Потребен ви е шеќер, околу 100 грама за 10 килограми јаболка. Потребна ви е вода за да ги покрие јаболката во садот. Ги миете и ги чистите јаболката, ги сечете на ситни парчиња или ги мелете во машина. Ги ставате јаболката во голем сад и додавате шеќер. Ја турате водата во садот така што да бидат целосно покриени, но оставате една четвртина од садот празна за да има место за ферментација. Го покривате садот со влажна газа и го оставате на топло место. Ферментацијата трае од 10 до 15 дена, зависно од надворешната температура. Кога ќе заврши ферментацијата, јаболката ќе паднат на дното, а оцетот ќе се избистри. Процедете го оцетот преку чиста газа и ставете го во друг сад. Процедете го уште неколку пати во период од 10 дена додека не добиете целосно бистар оцет. Ставете го оцетот во стаклени шишиња и добро запечатете ги. Оцетот е спремен за пиење, но и за продавање – ни објасни чичко Стојан.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП