3 мај, 2024
ПочетнаАВТОБИЗНе тргнувајте ненаспани на одмор - кафето нема да го ублажи заморот

Не тргнувајте ненаспани на одмор – кафето нема да го ублажи заморот

Возбудени сте поради тоа што ќе одите на одмор, па најчесто одлучувате да ја искористите ноќта за возење до крајната дестинација. Ако и вие го правите ова, тогаш бидете сигурни дека многу грешите.

Оти, ем сте возбудени, ем сте ненаспани, ем возите во темнина и ризикувате да ве „начека“ изгрејсонцето некаде на автопат и да ви ги затвори очите макар и на секунда која е доволна за да ви се случи сообраќајна катастрофа.

Јасно е дека сите избегнуваат да патуваат преку ден кога температурите се екстремно високи, но ретко кој од возачите размислува на заморот и на недостигот на сон за време на ноќните патувања.

Сообраќајните експерти ги советуваат граѓаните да патуваат одморени, а доколку почувствуваат мал замор, веднаш да го запрат возилото и да се одморат.

-Голем проблем е заморот и затоа не треба да ги тестирате границите на вашата издржливост. Сите знаат дека сте перфектен возач, па не мора да се докажувате. Секогаш кога ќе почнете да ги чувствувате првите знаци на замор, веднаш запрете го возилото на првото безбедно место и одморете се. Пиењето кафе и енергетски пијалаци не помага. Тоа ја решава моменталната ситуација, но таа состојба се мери во минути. Единствениот лек за уморот е одморот – советуваат сообраќајните експерти.

Денар разговараше со велешанецот Марко Дејановиќ, кој раскажува дека секунди биле во прашање да направи страшна сообраќајна несреќа и да ги загрози животите на сопругата и на своите деца.

-Ние сме кампери од Велес и секоја година кампуваме некаде на море. Овојпат решивме да ги посетиме камповите во соседна Грција. Ја закачив камп-приколката за автомобилот и тргнавме во 1 часот по полноќ, бидејќи целта ни беше да ја избегнеме жештината. Јас целиот претходен ден работев, па потоа ја подготвував приколката и воопшто не заспав пред тргнување. Успешно ја поминавме границата, а некаде околу 5 часот веќе бевме на неколку километри пред градот Лариса. Уморот ме стаса, но не сакав да признаам. Моите деца спиеја на задните седишта, а сопругата седеше будна до мене. Наеднаш, не знам како се случи, очите ми се затворија и потонав во сон. За среќа, сопругата го фати воланот за да не удриме директно во оградата на автопатот, а тоа ме штрекна и ме разбуди. Ако ми верувате, не можев цели 5 минути да ја смирам камп-приколката која упорно и неконтролирано се вртеше лево-десно. Многу се исплашив, а и децата почнаа да плачат. Веднаш го запрев возилото и ѝ препуштив на сопругата да вози. Никогаш повеќе не тргнувам уморен и ненаспан на патување – раскажува Дејановиќ.

И од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) им порачуваат на возачите никогаш да не го потценуваат заморот.

-Препорачливо е возачите да патуваат одморени и наспани, но и да прават минимум 15 минути пауза на секои 2 часа возење. Сообраќајните несреќи што се последица на заморот најчесто завршуваат фатално – велат од РСБСП.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП