17 мај, 2024
ПочетнаТЕХНОЛОГИЈА„Xiaomi Smart Door Lock M20 Pro“ е паметна брава со 3D препознавање...

„Xiaomi Smart Door Lock M20 Pro“ е паметна брава со 3D препознавање на лице (ВИДЕО)

Новиот „Xiaomi Smart Door Lock M20 Pro“ е надградена верзија на стандардниот модел „M20“ што беше лансиран на почетокот на оваа година во Кина. За разлика од претходниот, кој има технологија за скенирање отпечатоци и „NFC“, новиот, поддржан од вештачка интелигенција, може и 3D да скенира човечко лице, пишува „GizmoChina“.

Технологијата за 3D структурирана светлина за препознавање лице често се користи во безбедносни системи како што се финансиски плаќања, контрола на пристап и друго. Во бравата на „Xiaomi“, двојадрен „AI“ чип со структурен светлосен модул треба да ја подобри точноста и отпорноста на уредот на лажни обиди за отклучување со помош на фотографии, видеа или маски.

Кога некое лице се приближува до вратата со оваа брава, таа автоматски го препознава лицето на корисникот со снимање на 30.000 светлосни точки за мапирање на уникатните карактеристики на лицето, а компанијата тврди дека шансата за погрешно препознавање е помала од 0,0001 отсто.

Бравата содржи „паметно мачкино око“ напојувано со вештачка интелигенција со функција на ултра широкоаголна камера со агол од 180 степени, преку која е можно во реално време да се следи што се случува пред влезната врата. Секако, системот вклучува и екран кој им овозможува на сопствениците да проверат кој е пред нивната врата и автоматски се вклучува кога некој ќе се појави, а поддржува поврзување со екраните на други уреди, далечински управувач преку паметни телефони и функција за визуелен домофон.

Иако има лесна 3D технологија, може да работи во различни услови на осветлување, вклучително и дневна и ноќна светлина, со што им го олеснува користењето на децата и постарите бидејќи не мора да скенираат отпечаток од прст.

Сепак, имајќи предвид дека новиот уред е всушност надграден модел, бравата вклучува и функции кои беа воведени на претходната верзија. Ова значи дека поддржува различни методи за отклучување, вклучувајќи внесување лозинка, скенирање на отпечаток од прст, привремени лозинки, „Bluetooth“, систем „NFC“ и клучеви за итни случаи, како и поврзување со паметни часовници и нараквици „Xiaomi“.

Поддржан е од батерија од 5.000 mAh за која се вели дека трае 12 месеци, а итно напојување може да се активира преку безжично „обратно“ полнење преку паметен телефон или USB-C кабел.

Бравата моментално е достапна за претходна нарачка на кинескиот пазар за 2.800 јуани, што е околу 350 евра, но сѐ уште нема индикации дали оваа, како и претходниот модел, ќе биде достапна само во Кина или ќе се прошири на меѓународно ниво.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП