14 октомври, 2024
ПочетнаАВТОБИЗСакате да купите половен автомобил – овие возила најчесто се расипуваат

Сакате да купите половен автомобил – овие возила најчесто се расипуваат

Увезено од странство или купено пред десетина години од салон во Македонија не прави многу разлика, бидејќи половно возило секогаш си е половно возило.

Но, кога веќе сте решиле да купите, тогаш најдобро е да ги знаете мааните на оние возила за коишто сте се загреале и кои постојано ги гледате на огласите.

Затоа, германската организација ТУВ пред извесно време објави интересна статистика токму за квалитетот и за доверливоста на користените автомобили, а бројките се базираат на милиони технички прегледи и даваат одговор кои автомобили најмалку, а кои најчесто се расипуваат.

Па така, во периодот од јули 2020 до јуни 2021 година, извршени биле технички прегледи на 9,6 милиони автомобили, а меѓу нив имало 222 модели поделени во 5 возрасни групи, при што 18 отсто од автомобилите имале значителни дефекти кои не ја поминале проверката.

И што се однесува до возрасните групи, резултатот е очекуван: постарите возила покажале поголема стапка на дефекти.

Како што е наведено во истражувањето, главниот преглед не го поминале 12,4 отсто од возилата постари од 6 години, 17,5 отсто од возилата стари помеѓу 8 и 9 години, како и 22,8 отсто од возилата стари меѓу 10 и 11 години.

Во однос на моделите, победник е Mercedes GLC со стапка на дефект од 1,5 отсто, а веднаш зад него се Mercedes B класа (1,9 отсто) и Volkswagen T-Roc (2 отсто).

Во возрасната група од 4 до 5 години победник е Audi Q2 со 2,1 отсто, додека Porsche 911 е најдобар во групата на возраст од 6 до 7 години со 3,3 отсто.

Помеѓу возилата стари меѓу 8 и 9 години најмногу се расипува Audi TT.

Според класите на автомобили, пак, победник меѓу најмалите возила е Opel Karl со 3,4 отсто дефекти, додека најсигурен во класата на мали автомобили е Audi A1 со 2,9 отсто.

Од компактните модели, најретко се расипуваат Mercedes A класа со 2,5 отсто, Mercedes C класа во средната класа со 2,5 отсто и минивенот Mercedes B класа.

Најлоши резултати во микро-класата покажува Hyundai i10 со 6,5 отсо, додека во класата на мали автомобили тоа е Seat Ibiza со 5,4 отсто.

Во компактната класа, Dacia Logan е најлоша со дури 10,4 отсто дефекти.

Во средната класа најлошо возило е Ford Mondeo со 6,8 отсто, а кај теренците тоа е Dacia Duster со 11,4 отсто.

Најлош минивен е Ford Galaxy со 7,5 отсто.

На оваа тема Денар разговараше со автомеханичар од Скопје, кому му ја покажавме статистиката на ТУВ и кој во голем дел се согласи со резултатите.

-Кога купувате половен автомобил треба да бидете свесни дека купувате мачка во вреќа. Едноставно, не знаете што купувате. Може да ви се погоди возилото и цел живот да го благословувате оној што ви го продал, а може секоја недела да го носите на мајстор и да фрлите еден куп пари за поправки. Мои пријатели честопати кога купуваат возило ми го носат да го проверам и да го кажам моето мислење. И тогаш се чувствувам најлошо, оти можам многу лесно да погрешам – вели автомеханичерот.

Но, како што додава тој, веќе со искуството ги научил и дефектите кај возилата.

-На пример, новите модели на Kia се многу добри и речиси да немаат дефекти, но постарите модели имаат многу проблеми. Прво, имаат проблем со акумулаторот, па со алтернаторот, со пумпата за гориво, свеќиците… Моделите на Hyundai, пак, имаат проблеми со бравата, со палењето и со свеќиците. Малечките возила Smart имаат проблем со акумулаторот. Renault Kangoo има чести проблеми со електриката, а воопшто не ги препорачувам Opel Insignia, Nissan Qashqai и Ford S-Max. Најмалку главоболки ќе имате доколку си купите Audi, BMW или Mercedes – истакна нашиот соговорник.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП