28 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПочина актерката Емилија Андреева

Почина актерката Емилија Андреева

На 68-годишна возраст почина актерката Емилија Андреева.

„Со огромно жалење ја споделуваме веста за смртта на нашата колешка – актерката Емилија Андреева“, истакнуваат од МНТ.

Емилија Андреева дипломира на Вишата музичка школа во Скопје, на отсекот за драмски актери, во 1977 г. Дел е од ансамблот на Македонскиот народен театар – Скопје повеќе од 40 години, од 1979 до 2022 година. За време на својата долгогодишна актерска кариера на театарската сцена ги оживеа ликовите на Валерија во „Лов на диви пајки“ (1979), Љубената во „Обесеник“ (1979), Малтежанката Лезли во „Кенгурски скок“ (1979), Невестата и Гирланда во „Кандид“ (1980), Јевросима во „Војна и мир во Груда“ (1981), Емилија во „Габи“ (1982), Ходел во „Свирач на покрив“ (1983), Саша во „Иванов“ (1984), Евгенија Занданска во Mazedonische zustände/„Македонски состојби“ (1984), Трендафила во „Рамна земја“ (1985), Рипката во „Гуштерица“ (1986), Другарка на Антица во „Антица“ (1988), Нина Заречка во „Галеб“ (1990) и Госпоѓицата Лујза во „Посета на старата дама“ (1990). Играше и во „Вечер на Лундиквист“ (1979), „По претставата“ (1981), „Остен“ (1981), „Стилски вежби“ (2008) и „Троил и Кресида“ (2010). Една од нејзините претстави е и поетскиот монодрамски приказ „Незавршената приказна” (2009), на Градскиот театар и Младинскиот културен центар.

Добитник е на награда „Трајко Чоревски“ за најдобар млад актер на МТФ „Војдан Чернодрински“, Прилеп, во 1984 г., како и на награда на ревијата „Екран“ за најдобар млад актер за улогата на Евгенија Занданска во претставата Mazedonische Zustände, 1984 г., а двапати е одликувана и со високите признанија на тогашната Југословенска радио-телевизија.

Остануваат да сведочат за нејзината талентираност и актерска способност улогите во сериите и филмовите: „Курирот на Гоце Делчев“ (1979), „Исправи се, Делфина“ (1977), „Томи од бензинската пумпа“ (1979), „Оловна бригада“ (1980), „Време, води“ (1980), „Цвеќе на карпата“ (1989) и други.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП