23 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАДа не беше Мирна, немаше да постои „Чуварот на ѕвездите“ – искрено...

Да не беше Мирна, немаше да постои „Чуварот на ѕвездите“ – искрено со Лира Џокиќ за нејзината прва детска сликовница

Издавачката куќа „Кооперација“ на 6 мај (сабота) во 12.00 часот во КСП Центар – Јадро, Скопје, одржа промоција на детската сликовница „Чуварот на ѕвездите“, книжевното првенче на Лира Џокиќ, стручно лице по корпоративни комуникации и односи со јавноста.

Кариерниот пат ја води Лира постојано во иста насока – работа на полиња кои пред сѐ бараат креативност и умешност со зборови: од односи со јавност и „copywriting“, до традиционален и дигитален маркетинг. Приватно, Лира за себе ќе каже дека е едно големо дете кое не престанува никогаш да сонува и да верува во магија.

„Чуварот на ѕвездите“ е нејзино прво книжевно дело инспирирано од помалата сестричка, која била воодушевена од процесот на изработка на оригами која Лира вешто ги правела за неа. Реакцијата секогаш била иста – очи полни воодушевување. „Искрено, да не беше Мирна, немаше да постои „Чуварот на ѕвездите“, ќе одговори Лира на прашањето што ја инспирирало за пишување на сликовницата. „Ѝ напишав приказна со ѕвездена магија, лик кој го има нејзиниот карактер, вредности кои сметам дека се важни да ги има секој и, се разбира, многу љубов“.

Дизајнот на илустрациите односно, како што би рекле дечињата „сликичките“ во сликовницата, е дело на Ана Тодоровска, графички дизајнер и илустратор со долгогодишно работно искуство. Илустрирањето на детска сликовница за неа е прв проект од ваков тип, но процесот течел изненадувачки лесно, стилски адаптиран на содржината на приказната.

Ана за себе ќе каже дека ја инспирираат креативни луѓе, убави моменти, добра архитектура, уметност, дизајнот, добра музика и посебно, вредни луѓе… Денот го започнува со „благодарам за сè што сум и сè што имам“.

„Илустрациите се работени исклучиво дигитално. Од дигитални алатки или софтвери користев ProCreate и Adoobe Photoshop, подоцна за техничката подготовка на сликовницата и Adobe InDesign. Јас имам сопствен стил како илустратор, кој луѓето што ја следат мојата работа го препознаваат. И убаво е секој илустратор или дизајнер да има сопствен препознатлив стил, но кога работам за други, односно како што е случајот за сликовницата на Лира, затоа што иако сум дел од неа, ова е сепак нејзин проект, јас сакав стилот да биде соодветен на приказната. Не сакам мојот стил да доминира во сликовница, туку приказната на авторот“, ќе каже Ана за креативното искуство.

Долгогодишното пријателство помеѓу овие две млади жени јасно се отсликува во целиот креативен процес на оваа топла, детска приказна наменета за сите мали и големи сонувачи, надополнета со автентични илустрации.

„Чуварот на ѕвездите“ е дело кое има за цел да пренесе одредени вредности кај секое дете: почит кон животната средина и секое живо битие, емпатија, храброст, љубопитност, верба… И, истовремено, да го стави младиот читател во активна улога и да му дозволи на несекојдневен и невообичаен начин да се поврзе со Нова, да ја преземе улогата на главен лик и да ја оживее и продолжи ѕвездената магија“, ќе дополни Лира за своето книжевно првенче.
Во текстот на „Чуварот на ѕвездите“ ќе се пронајдат сите чиј свет се врти околу две мали очиња кои кријат ѕвезди во себе и искрат љубов. Ќе се вљубите во ликот на Нова, а нејзината приказна има моќ да стане вашата нова омилена сказна за добра ноќ.
„Не потценувајте ја моќта на книгите и читањето како процес на оформување на младиот ум. Не заборавајте дека децата стануваат читатели во скутот на родителите“, ќе надополни модераторот на крајот на промоцијата, Милена Стојановска.
Издавањето на оваа сликовница е потврда дека доколку имате јасна визија, силна инспирација, мотив и желба за работа, соништата навистина се остваруваат. Или како што би рекла Лира – здружете се со луѓе како Ана, кои ќе ви ја препознаат идејата со душа, и направете го светот поубав!

*Откријте го „Чуварот на ѕвездите“ ексклузивно на https://agenda.mk/ по промотивна цена од 500 денари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП