20 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПромоција на новата детска сликовница од Лира Џокиќ – Дојдете заеднички да...

Промоција на новата детска сликовница од Лира Џокиќ – Дојдете заеднички да го откриеме „Чуварот на ѕвездите“

Издавачката куќа „Кооперација“ на 6 мај (сабота) во 12.00 часот во КСП Центар – Јадро, Скопје, ќе одржи промоција на новата детска сликовница „Чуварот на ѕвездите“ чиј автор е Лира Џокиќ, стручно лице по корпоративни комуникации и односи со јавноста.

Кариерниот пат ја води постојано во иста насока – работа на полиња кои пред сѐ бараат креативност и умешност со зборови: од односи со јавност и „copywriting“, до традиционален и дигитален маркетинг. Приватно, Лира е едно големо дете кое не престанува никогаш да сонува и да верува во магија.

„Чуварот на ѕвездите“ е нејзино прво книжевно дело, инспирирано од една мала сестра, а во текстот ќе се пронајдат сите чиј свет се врти околу две мали очиња кои кријат ѕвезди во себе и искрат љубов.

Дизајнот на илустрациите е дело на Ана Тодоровска, графички дизајнер и илустратор со долгогодишно работно искуство. Илустрирањето на сликовница за неа е прв проект од ваков тип, но процесот течел изненадувачки лесно, стилски адаптиран на содржината на приказната.

Долгогодишното пријателство помеѓу овие две млади жени јасно се отсликува во целиот креативен процес на оваа топла, детска приказна наменета за сите мали и големи сонувачи, надополнета со автентични илустрации. Ќе се вљубите во ликот на Нова, а нејзината приказна има моќ да стане вашата нова омилена сказна за добра ноќ.

Настанот е замислен како синтеза од разговор, музика и пладневно дружење, а добредојдени се сите мали и големи деца кои се во потрага по малку верба и ѕвезден сјај.

Дојдете заеднички да го откриеме чуварот на ѕвездите…★★★

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП