29 март, 2024
ПочетнаАВТОБИЗПристигна новиот „Explorer“: Зад легендата на „Ford“ сега стои електричен „Volkswagen“ (ФОТО/ВИДЕО)

Пристигна новиот „Explorer“: Зад легендата на „Ford“ сега стои електричен „Volkswagen“ (ФОТО/ВИДЕО)

По „Mustang“, „Ford“ уште еднаш го искористи познатото име за сосема поинаков електричен модел.

И додека многумина не се помирија со фактот дека „Mustang“ треба да биде кросовер, и тоа електричен, од „Ford“ доаѓа ново изненадување.

Американскиот производител го претстави новиот „Explorer“, теренец кој работи и на струја, но ја крие и технологијата на „Volkswagen“. Сепак, само клиентите во Европа ќе можат да уживаат во овој модел.

Со целосно име „Explorer EV“, тој е нов модел на „Ford“ на механичката платформа „MEB“ на „Volkswagen“ и ќе биде првиот целосно електричен компактен кросовер на „Ford“ од Европа, поточно од новата фабрика во Келн.

Со должина од 4,5 метри, новиот „Explorer“ е малку пократок од „Volkswagen ID.4“, со кој ја дели технолошката база.

Позната е и почетната цена која изнесува 45.000 евра. Тоа е значително помалку од „Mustang Mach-E“, кој со цена од 62.900 евра е достапен само за тесен круг фанови на овој бренд.

И рецептот е познат. Германската технологија сега е спакувана во американизиран дизајн.

Така, теренецот изгледа многу поробусно од неговиот „брат“ од Волфсбург и визуелно наликува на оригиналниот „Explorer“.

Во внатрешноста, пак, доминира централниот екран од 15 инчи, кој го носи системот „Ford Sync“. Новина е што екранот може да се поместува и ротира.

Овде, „Ford“ става акцент на удобноста при возењето, па на патниците им обезбедува богата опрема, бројни прегради за складирање мали нешта и многу простор.

Багажникот има 450 литри простор на стартот, односно над 1,4 кубни метри со склопени наслони на задните седишта. Тој е помал од конкурентот на „Folkswagen“, веројатно поради значително пократките настрешници на каросеријата.

Деталите за возењето сѐ уште не се познати. „Ford“ само објави дека полнењето од 10 до 80% трае 25 минути. И тоа е тоа.

Британскиот „AutoExpress“ дознава дека понудата започнува со моќен електромотор од 170 ks и батерија од 52 kWh, која ќе овозможи автономија од 350 километри, но ќе биде компатибилна и со полначи со моќност до 130 kW.

Само помоќните опции со 231 и 340 ks ќе имаат поголема батерија од 77 kWh, а ќе можат да полнат до 170 kW.

Кога станува збор за современата опрема, ќе споменеме 12 ултразвучни сензори, пет камери и три радари. Со други зборови, во опремата се вклучени бројни системи за помош, вклучувајќи и систем за автоматско менување лента.

„Ford Explorer EV“ е првиот од деветте електрични модели што „Ford“ ќе ги лансира до крајот на 2024-та година. Засега знаеме за уште еден модел на платформата „MEB“ и „Puma EV“, кој ќе се произведува во Романија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП