19 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАСпомен собата на Петре М. Андреевски промовирана како нова туристичка понуда на...

Спомен собата на Петре М. Андреевски промовирана како нова туристичка понуда на саемот за туризам во Белград

Престој во куќата во чиј состав е спомен собата на македонскиот писател Петре М. Андреевски, е новата македонска туристичка понуда, официјално промовирана на Меѓународниот саем за туризам, што се одржа од 23 – 26 февруари во Белград, Република Србија.

Во рамките на Саемот, туристичката понуда беше промовирана на штандот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, заедно со останатите понуди од повеќе региони во Македонија.
Интересот беше огромен, а убавиот спој на културното богатство, надополнет со скриените атракции на околината, беше доволен да ја разбуди љубопитноста на посетителите.

Од „Медија консалтинг“, маркетинг агенција, која на Саемот за туризам ја промовираше оваа туристичка понуда, истакнуваат дека понудата има голем потенцијал, бидејќи е осмислена како еден уникатен спој на она што го има државата, богато културно и историско наследство, заедно со останатите атракции во регионот на Демир Хисар, каде се наоѓа и родното место на поетот и романсиер, Петре М. Андреевски, како главен лик во понудата, регион кој не е доволно откриен за туристите.

Македонскиот културен туризам има големи перспективи, бидејќи новите генерации на туристи преферираат, нови и неоткриени дестинации и искуства, талкање по недопрени планински пејзажи и уникатност во секоја смисла на зборот. Оваа туристичка понуда го нуди токму тоа, да се препуштат на уметноста и културата. Да се запознаат со нашиот познат романсиер, поет, неговиот вонвременски пишан збор, неговите силни животни мисли и мудрости, во неговото родно село, за да можат да ја почувствуваат уште посилно неговата поезија и љубовта што извира од неа. Преку таа љубопитност, да се овозможи и откривањето на рурална Македонија, новите атракции, скриени длабоко во срцето на Демир Хисар во селото Слоештица, а сето тоа во комбинација со уживањето во автентичната локална кујна, традиционално домашна храна направена од свежи сезонски состојки кои се одлегуваат во регионот.

Куќата каде што е лоцирана спомен собата на Петре М.Андреевски е совршена почетна точка за авантури на отворено за сите љубители на овој вид туризам. За љубителите на природата, околината нуди скриени атракции, како што е уживање по планинските патеки на планинскиот масив Бигла – Илинска Планина, кои ги поврзува трите македонски национални паркови НП „Пелистер“, НП „Маврово“ и НП „Галичица“, изобилувајќи со лековити растенија и шумски плодови, распослани на планинскиот масив.

Уникатноста на оваа туристичка понуда се состои и во тоа што, туристите ќе може да се запознаат со селото Слоештица, преполно со историски знаменитости и споменици, освен спомен собата на поетот, „Валавици“, прекрасни бујни извори, прекрасни цркви прошарани низ селото.

Понудата ја надополнува и можноста за посета на уметничката резидеција на познатиот академски сликар Сергеј Андреевски ,,Арт поинт Гумно’’, прекрасните околни манастири, библиотеката ,,Ал-Би’’во селото Бабино, атракција сама по себе, како најголема библиотека лоцирана во најмалото населено место во светот.

Спомен собата е достапна за туристите преку сместувачкиот капацитет, сместена во срцето на селото и нуди удобно и автентично културно искуство.

Промовирањето на оваа туристичка понуда, на српскиот пазар, е од големо значење. Српскиот пазар е еден од најбрзо растечките пазари за македонскиот туризам споредбено 2019/ 2022 година. Во 2022 година 11% од странските туристи односно повеќе од 63 000 туристи и повеќе од 130 000 ноќевања оствариле српските туристи, наметнувајки ја потребата од интегриран маркетинг и зајакнат промотивен пристап во 2023 година. Воведувањето на авионската линија Белград – Охрид четири пати неделно од јуни, преставува голем предизвик и треба да овозможи продолжување на позитивниот раст и во 2023 година на српските туристи, истакнуваат и од Агенцијата за промоција и поддршка на туризам.

Инаку, на Саемот за туризам, учествуваа околу 350 изложувачи од 33 земји, меѓу кои 8 држави од афричкиот континент и Кина, како земја партнер, вклучително и Северна Македонија, под слоганот „Кога е одмор, не е тешко“.

Рекорден број на коегзибитори ги промовираа туристичките понуди на македонскиот штанд. Саемот беше одличен спој на нови искуства и туристички понуди, во чекор со современите трендови во туризмот. Беа претставени голем број популарни светски дестинации со разновидна туристичка понуда, автентични сместувачки капацитети прилагодени на современите туристи.

Најновите трендови во меѓународната туристичка индустрија, како и иновативните концепти и перспективи во развојот на туристичкиот бизнис, беа теми кои ги обединија и деловните посетители и љубителите на патувањата. На Саемот, учествуваа најзначајните туристички агенции, здруженија, организации, хотели, туристички центри, транспортни компании и меѓународни туроператори.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП