4 октомври, 2024
ПочетнаКОМПАНИИАтлантик Група: Рекорден приход од продажба со високи инфлациски притисоци

Атлантик Група: Рекорден приход од продажба со високи инфлациски притисоци

Раст на сите деловни и дистрибуциски подрачја, а значајното поскапување на сировините, амбалажните материјали, енергенсите и услугите очекувано влијаеја на профитабилноста.

Атлантик Група во текот на 2022 година забележа приход од продажба во износ од 846,2 милиони евра, што во однос на истиот период лани претставува раст од 11,8%. Под влијание на значителните поскапувања во целокупниот спектар на деловни активности, добивката пред камата, данок и амортизација (EBITDA) е намалена за 20,6% во однос на 2021 година и изнесува 76,4 милиони евра, додека нето добивката е намалена за 43,2% и изнесува 26,0 милиони евра.

„И покрај бројните предизвици, Атлантик Група постигна историски рекордни продажни резултати во 2022 година, а беше постигнат раст во сите деловни и дистрибутивни подрачја. По годините на Ковид, 2022 година беше обележана со руската агресија против Украина, која предизвика енергетска криза, дополнителни одложувања и недостиг во синџирите на снабдување и значително зголемување на цените за речиси сите наши стратешки суровини и услуги. Можевме само делумно да ги компензираме овие зголемувања на цените со оптимизирање на внатрешните ресурси и во помала мерка со зголемување на нашите продажни цени, што, како што се очекуваше, доведе до пад на профитабилноста. Без разлика на тоа, продолживме со инвестиции во развој на бизнисот – иновации во производното портфолио, модернизација на производните капацитети и продолжување на дигиталната трансформација“, потенцираше претседателот на Управниот одбор на Атлантик Група, Емил Тедески.

Кафе, Пијалоци и Фармација го предводат растот

Најголем раст од 20,2 отсто оствари Стратешката деловна област Пијалоци, чиј водечки бренд е Цедевита, а потоа СБО Кафе, со брендовите Баркафе и Гранд кафе, со раст од 16,2%, а со двоцифрен раст од 10,5% се истакнува и фармацевтскиот бизнис под брендот Фармација. Кај дистрибутивните области предничат Србија со раст од 15,5% и Хрватска со раст од 10,7%. На крилата на добро реализираниот дистрибутивен бизнис, дистрибутивното портфолио се прошири, со соработка со новиот принципал Интерснек (Чио) во Србија и со проширување на успешната соработка со Red Bull во Србија и на подрачјето на Северна Македонија.

Успешноста на целокупната работа и пристапот и понатаму ги потврдуваат наградите, па Атлантик Група и во изминатата година ја освои првата награда за односи со инвеститорите, во организација на Деловниот дневник и Загрепската берза, како и првата награда за Квалитет на корпоративното управување, која ја доделува Хрватската агенција за надзор на финансиски услуги. Исто така, и оваа година нашите брендови освоија низа награди за пазарна комуникација на регионалните натпреварувања, а посебно се истакнува Донат, кој е прогласен за финалист на Global Best of the Best Effie Awards.

Рекордна дивиденда, поделба на акции и зајакнување на органите на управување

Од поважните корпоративни настани, треба да се истакне дека е исплатена историски највисоката дивиденда во износ од 50 куни по акција и се поделија акциите на Атлантик Група, на тој начин што беше поделена една акција со поединечен номинален износ од 40 куни во четири нови акции со поединечен номинален износ од по 10 куни.

Во декември, Мате Штетиќ, поранешниот главен директор на Стратешката област Кафе, беше назначен за нов член на Управниот одбор на Атлантик Група, кој го прошири ова тело на седум члена. Во новиот асортиман на обврски, Штетиќ освен што се грижи за категоријата кафе, го презеде и управувањето со категориите чоколади, слатки и солени грицки. Во првиот дел од годината, Надзорниот одбор на друштвото беше проширен на девет члена, а составот на ова тело го засилија др. Весна Невистиќ и Зоран Вучиниќ.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП