26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДали некогаш ќе се обноват гасните врски меѓу ЕУ и Русија?

Дали некогаш ќе се обноват гасните врски меѓу ЕУ и Русија?

Гасните врски меѓу Европската унија и Русија, изградени со децении и кои на Москва и донесоа приходи од милијарди, веројатно нема да бидат обновени на нивото пред војната во Украина, се вели во анализа на „Reuters“. Текстот е подготвен во Русија и е во согласност со цензурата наметната со закон од Москва на тема војна, прецизира агенцијата.

Трговијата се заснова на илјадници километри гасоводи од Сибир до Европа, а до неодамна европските клиенти беа „заробени“ со долгорочни договори за снабдување. Врската започна веќе во 60-тите години на минатиот век. Тогаш СССР објави откривање на наоѓалиште за гас во Сибир, кое е едно од најголемите во светот. Политбирото започнува преговори со Западна Германија за испорака на гас, бидејќи тогаш Москва ја немаше технологијата.

Така, во 1970-та година почна да функционира „договорот на векот“. Договорот е за 20 години, а по сегашни цени неговата вредност е околу 30 милијарди долари, проценува и „Reuters“. Тоа значи пристап до гас по ниска цена за индустријата и домаќинствата во Западна Германија во наредните години.

Сега главниот дел од капацитетот на овие цевки лежи празен.

„Се разбира, загубата на европскиот пазар е сериозен тест за Русија“, вели Јуриј Шафраник, министер за енергетика во периодот 1993-1996 година. Многу подиректен е поранешниот шеф на „Газпром“, кој, сепак, сака да остане анонимен.

„Работата на илјадници луѓе кои со децении го развиваа извозниот систем сега е во тоалет“, коментира тој.

Сепак, „Газпром“ не гледа проблем. „Ништо не се менува за нас, имавме двојно зголемување на платите минатата година“, рече работник во компанијата во Нови Уренгој, кој исто така побара да остане анонимен.

Што се случува во „Газпром“

Државната гасна компанија „Газпром“ беше создадена во последните денови на СССР од Министерството за гасна индустрија, на чело во тоа време од Виктор Черномирдин.

„Черномирдин не дозволи никој да се зафркава со „Газпром“, тоа беше држава во држава и така продолжи“, се сеќава денеска Шафраник.

По почетокот на „специјалната воена операција“ на Владимир Путин во Украина, „Газпром“, како и многу други руски државни гиганти, престана да објавува информации за нивната финансиска состојба. Компанијата од почетокот на годинава повеќе не објавува податоци за извозот на природен гас, како што правеше на секои 15 дена.

Според податоците на ЕУ, до крајот на 2022-ра година, Русија веќе има удел од 7,5% од вкупниот увоз на гас во заедницата, во споредба со 40% на крајот на 2021-ва година. Според пресметките на „Reuters“ врз основа на индиректни податоци од спроведувањето на Буџетот на Руската Федерација од продажбата на природен гас во јануари требаше да се намали на 3,4 милијарди долари, што е намалување од 6,3 милијарди долари во јануари 2022-ра година.

Пред војната, Русија имаше планови да го зголеми извозот на гас во Европа, а не да го намали. Шефот на „Газпром“ за извоз, Елена Бурмистрова, во 2019-та година изјави дека извозот на гас надвор од земјите на поранешниот СССР, односно европските пазари и Кина, достигна 200 милијарди кубни метри и тоа е „новата реалност“. Холдингот за гас се надеваше на надградба, но минатата година вкупниот извоз не надмина 100 милијарди кубни метри.

Диверзификација

Но од минатата година, рускиот претседател Владимир Путин бара нови пазари за природен гас. Засега единствена опција е Кина, која е најголем потрошувач на енергија во светот. Земјата е водечки увозник на нафта, течен гас и јаглен. Другата опција е идејата за гасен центар во Турција, но тоа зависи од волјата на Европа да продолжи да купува руски гас, веќе измешан со гас од други извори во турската мрежа, течен гас, како и гас од Азербејџан и Иран.

Русија го прошири гасоводот „Моќта на Сибир“, преку кој почна да извезува гас во Кина од крајот на 2019-та година, со тренд во 2025-та година испораките да достигнат волумен од 38 милијарди кубни метри годишно. Неколку дена пред војната, кога Путин отиде на отворањето на Олимписките игри во Пекинг, двете земји се согласија да ги зголемат залихите за уште 10 милијарди кубни метри годишно.

Во теорија, тоа значи дека Кина би можела да добие до 50 милијарди кубни метри годишно од Русија. Но, прашањето е колку е ветувачки кинескиот пазар, бидејќи плановите на Пекинг не предвидуваат зголемување на потрошувачката на гас по 2030-та година. Уште повеќе, двете страни ја чуваат цената на договорот во тајност. Според аналитичарите, сепак, станува збор за 270 долари за 1.000 кубни метри, што е значително под цената што ја прогнозира Министерството за економија за 2023-та година, 700 долари за 1.000 кубни метри, и многу под нивоата што ги плаќаат европските клиенти.

Генерално, рускиот природен гас веќе е во директна конкуренција со течниот гас (бидејќи Германија веќе има два приемни терминали), како и со зелената енергија (во Европа, голем дел од гасот се користи за производство на електрична енергија), која е на пораст во услови на неизвесност околу снабдувањето со природен гас.

Но и „Газпром“ има одговор, пред извесно време руската влада постави задача за изградба на нови 24 илјади километри гасоводи, со кои 538 илјади домаќинства ќе бидат снабдени со гас во периодот 2021 – 2025.

„Едноставно ќе имаме да испорачаме повеќе гас на домашниот пазар, наместо да го извезува во Европа. И Кина има потреба од гас“, изјави вработен во „Газпром“ во Нови Уренгој, кој сакаше да остане анонимен.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП