Туристичката индустрија во Европската унија (ЕУ) очигледно силно закрепнува од пандемијата Ковид-19. Вкупниот број на ноќевања во туристичко сместување во 2022-ра година беше блиску до нивото пред пандемијата и изнесуваше 2,72 милијарди ноќевања, во споредба со 2,88 милијарди во 2019-та година, или 5,6% помалку.
Ова претставува значително зголемување во споредба со бројот на ноќевања во 2020-та и 2021-ва година – соодветно 1,42 милијарди и 1,83 милијарди, покажуваат најновите податоци на европската статистичка агенција Еуростат.
Во 2022-ра година, месечните податоци за туризмот се зголемуваа континуирано и на крајот се приближија до нивоата на соодветните месеци во 2019-та година.
Споредено со првата половина од 2019-та година во истиот период минатата година, бројот на ноќевањата е намален за 11,0%. Сепак, во вторите шест месеци од 2022-ра година забележано е подобрување на трендот, при што бројот е намален за само 1,9 отсто на годишно ниво.
Бројките за 2022-ра година, исто така, покажуваат дека ноќевањата на меѓународните посетители се приближиле до нивото од 2019-та година, тие беа 1,19 милијарди минатата година, што е намалување за 12,6%. Ова претставува сериозен пораст во однос на бројот на ноќевања на странски туристи во 2020-та и 2021-ва година – 412,5 милиони и 587,8 милиони, соодветно.
Во однос на домашните патувања, податоците за 2022-ра година покажуваат рекорден број на ноќевања – 1,53 милијарди, што е за 10,9 милиони повеќе од 2019-та година (зголемување од 0,7 отсто).

Меѓу земјите на ЕУ, бројот на ноќевања на домашни и странски туристи во 2022-ра година во споредба со 2019-та година е зголемен само во три од земјите-членки за кои се достапни податоци: Данска (384 милиони ноќевања во 2022-ра година и раст од 12,3%), Холандија (128,3 милиони ноќевања и раст од 3,9%) и Белгија (42,7 милиони ноќевања и раст од 0,5%).
Во исто време, другите земји допрва треба целосно да се опорават од влијанието на пандемијата врз туризмот. Ова особено се однесува на Латвија (3,9 милиони ноќевања во 2022-ра година и намалување од 29,6%) Словачка (12,3 милиони и намалување од 28,3%).