25 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАДенес започнува прославата за 50 години МКЦ

Денес започнува прославата за 50 години МКЦ

Со целогодишната програма по повод јубилејот 50 години МКЦ, Младинскиот културен центар денес на пладне ги отвора своите врати за сите посетители, токму онака како што биле отворени далечната 1972 година на 28 декември.

Целодневната програма која буквално ќе исполни секое ќоше на МКЦ, започнува во 12 часот со програма за најмладите, односно отворени предавања во Планетариумот. Во текот на попладневните часови, ќе се одржат работилници за танц за деца, новогодишна работилница за деца со образовни потреби, “Арт и Крафт” работилница со уметниците Драган Драш Китановски и Марјан Димиќ, како и настап на инклузивниот хор Ветерница и здружението Трисомија 21, по што следува и театарска престава за деца “ЏИНче” од театарот Сенки и Облаци.

Програмата потем продолжува со промоција на книгата “Неправилен ритам” од музичкиот критичар и новинар Љупчо Јолевски во кино Фросина од 18.30 часот. Во киното Фросина, со почеток од 15 часот па се до раните утрински часови, ќе се одвиваат проекции на филмови од програмата “Фестивали на гости” која вклучува филмски проекции на фестивалите кои долги години веќе традиционално се одржуваат во Младинскиот културен центар: Џифони, ЕХО Фестивалот на планински филм, Скопскиот филмски фестивал, Македокс, Киненова, Филозофскиот филмски фестивал и новооформениот Флипбук фестивалот на анимиран филм.

Во 19 часот е закажан перформансот на уметникот Мирослав Масин, кој специјално за јубилејот 50 години МКЦ наслика дело со наслов “Птици”, кое ќе ќе биде трајно изложено во просториите на институцијата. Во рамките на ликовната програма, планирани се ретроспективни изложби на плакати на МКЦ како и дела на уметници кои изложувале во Галеријата, како и ликовен перформанс на младите автори Бранкица Јордановска, Ертунч Сали, Сања Симоска, Филис Синаноска, Воскресија Андреевска и Амир Карахасан со наслов “Го цртаме МКЦ”.

Главниот протоколарен дел е закажан во 20 часот, со настап на двата ансамбли на МКЦ, Градскиот дувачки оркестар и Женскиот младински хор, кој оваа година слави јубилеј 50 години, како и својата матична институција. По тоа, следат долгоочекуваните настапи на музичките групи Бадмингтонс, Санаториум, Чиста Околина, Дина Јашари, Суперхикс и 21 век.

Во новооформениот простор Клуб МКЦ, со почеток од 22, ќе пуштаат музика 20 најтесно селектирани диџеи, кои имаат за цел да ја анимираат публиката до раните утрински часови.

Да не ги заборавиме и двата одлични настани за прослава на литературната програма во МКЦ: Битката на недоискажаните односно фристајл битка на Поетите вс. Раперите, како и поетскиот перформанс “Поетска епизода 3”.

Со оглед на габаритноста на театарот како уметничка форма и исполнетоста на просторот, театарската програма ќе се одвива во рамките на проекции на театарски претстави со наслов “Што сме можеле да имаме на МОТ, а што никогаш нема да имаме” – со проекции на генијални, современи театарски продукции кои можеби еден ден ќе бидат дел од репертарот на фестивалот. Овие проекции ќе започнат во 17 часот и ќе се одвиваат во Џебното кино на МКЦ.

Покрај споменатите програми во рамките на дејностите на МКЦ, ќе се одржат и неколку презентации и работилници, односно работилница за мајсторијата на скречувањето со диџеј Гоце и Чваре, предавање на Архитектонски факултет со наслов “Невидливо Скопје” и презентација на филмскиот клуб “Ед Вуд” кој долги години функционирал во рамките на МКЦ, со проекција на филм на Гоце Цветановски.

“Навистина беше тешко да се создаде програма во која треба да биде собрана толкава историја на настани, случувања, иницијативи, програми и активности кои се случиле во овие ѕидови во 50 години постоење. Решивме да се фокусираме на дејностите на МКЦ и фестивалите во наша организација и за нив да успееме и најдеме најсоодветна форма како да ги претставиме. Дел од нив со постоечки активности и настани, дел од нив со нешто поразлично и филувано во МКЦ дух.

Нашата желба за уште поуспешни наредни 50 години, мора да биде стратешки поддржана од институциите, најпрвин од нашите најнадлежни – Градот Скопје, па потем и Министерството за култура. Бидејќи во нас, мора да согледаат рамноправен партнер, затоа што, и можеби нескромно но – без МКЦ, нема фундаментална култура.”

Влезот на сите настани е бесплатен и отворен за сите посетители.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП