29 март, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПремиера на „Кајмак“ истовремено во цела Македонија

Премиера на „Кајмак“ истовремено во цела Македонија

Премиерата на „Кајмак“, во режија на Милчо Манчевски, ќе биде в среда, 16 ноември, во Македонската филхармонија.

Веќе од следниот ден, четврток, „Кајмак“ почнува истовремено да се прикажува во речиси 30 града во целата земја.

„Кајмак“ ќе игра во цела Македонија. Направивме напор филмот да го донесеме во секое кино во кое има техничка можност за прикажување“, вели продуцентот Јане Ќортошев.

Неодамна, „Кајмак“ имаше светската премиера и три распродадени проекции на Токискиот фестивал. Реакцијата на јапонската публика беше извонредна. Весникот „Џапан тудеј“ (Japan Today) го нарече филмот „мрсна сатира“. Манчевски беше во центарот на случувањата во Токио, каде што одржа и мастер-клас, кој имаше голем одглас кај публиката.

Веднаш потоа „Кајмак“ отпатува на Тајван, каде што се прикажа на филмскиот фестивал „Златен коњ“ (Golden Horse) во Тајпеј. По двете преполни проекции и едночасовни редици на публиката за автограм од македонскиот режисер, следуваа сесии разговори со публиката, која ја пофали приказната велејќи дека постојано изненадува.

Актерките Ана Стојановска и Сара Климоска, кои имаа можност први да го гледаат филмот во Токио, по проекцијата, имаа и разговори со јапонската публика.

„Искуството во Токио беше фузија на ултрамодерното и традиционалното. Црвениот килим беше посебно искуство, зборуваме за култура на ред и хармонија. Филмот им се допадна многу на Јапонците, а и нам. Импресиите од разговорите со публиката беа дека филмот ги насмеал, расплакал и ги замислил, интересно беше дека нè следеа по проекцијата, не само на фестивалот, туку и на улица за да земат автограми од нас“, велат актерките Климоска и Стојановска.

Киноприкажувањето во Македонија почнува в четврток, 17 ноември, и закажано е во Гостивар, Пробиштип, Делчево, Кавадарци, Крива Паланка, Куманово, Виница, Крушево, Струмица, Македонска Каменица, Тетово, Дебар, Берово, Неготино, Богданци, Кратово, Радовиш, Струга, Кичево, Охрид, Свети Николе, Прилеп и во Штип. Премиерата во Битола и Гевгелија е закажана за 23 ноември. Во Скопје од 17 ноември филмот ќе игра во кината „Синеплекс“ и „Милениум“.

„’Кајмак’ е љубовна приказна за возрасни“, вели режисерот Манчевски. Тоа е црна комедија (или среќна трагедија) за две семејства, кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот. Филмот е безмилосна критика на малограѓанското лицемерство и апотеоза на индивидуалната слобода. На денешната прес-конференција Манчевски изјави: „Комшијата е најважната институција во една малограѓанска средина. Но, секое добро уметничко дело те кани да го ѕирнеш светот со поинакви очи. „Кајмак“ ја кани публиката да не суди, туку да сочувствува со ликовите – а сите тие се во исто време и жртви и душмани“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП