1 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИЗаработката на „AMD“ навестува полош пад на пазарот на чипови

Заработката на „AMD“ навестува полош пад на пазарот на чипови

Производителот на чипови „Advanced Semiconductor Micro Devices“ даде прогноза за приходите за третиот квартал, кои беа за милијарда долари под претходната проценка. Ова сигнализира дека падот на пазарот на чипови може да биде полош од очекуваното, пренесува „Reuters“.

Цената на акцијата на „AMD“ падна за 4% во тргувањето по работното време, влечејќи ги акциите на „Nvidia“ и „Intel“ надолу за повеќе од 2%.

„Пазарот на персонални компјутери значително ослабе овој квартал“, рече извршната директорка Лиза Ксу, додавајќи дека макроекономските услови доведоа до послаба од очекуваната побарувачка за персонални компјутери.

Забрзаната инфлација и отворањето канцеларии и училишта ги наведоа луѓето да трошат помалку на персонални компјутери отколку за време на заклучувањето, кога многумина купуваа компјутери за работа и учење додека беа заглавени дома.

Производителите на чипови се исто така под притисок на мерките против Ковид-19 во Кина, клучниот пазар на компјутери, а војната во Украина ги влоши прекините на синџирот на снабдување и дополнително ја намали побарувачката.

„The Philadelphia Semiconductor Index“, кој ги следи цените на акциите на големите производители на чипови и поврзаните бизниси, е намален за 36,4% во оваа година, во споредба со добивката од 41,2% за 2021-ва година.

„Мислам дека „AMD“ покажува дека никој не е имун на постпандемискиот пад на продажбата на персонални компјутери, а овие прилагодувања на залихи исто така влијаат на компанијата. Генерално, ова повеќе личи на циклична корекција во една, голема деловна единица, наместо на структурна или стратешка“, рече Аншел Саг, аналитичар во „Moor Insights & Strategy“.

Саг тврди дека центарот за податоци на „AMD“, како и сегментот за игри го задржале својот силен раст.

Компанијата соопшти дека очекува приходот во третиот квартал да биде 5,6 милијарди долари. За споредба, неговата августовска прогноза беше 6,7 милијарди долари, плус минус 200 милиони долари.

„AMD“ соопшти дека нејзиниот извештај ќе биде објавен на 1-ви ноември.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП