21 април, 2025
ПочетнаКУЛТУРАЦртаниот филм „Пепа прасе“ за прв пат прикажа истополови парови

Цртаниот филм „Пепа прасе“ за прв пат прикажа истополови парови

Омилена кај децата од предучилишна возраст, Пепа Прасе е секако еден од најомилените цртани ликови ширум светот.

Затоа, можеби и не е чудно што одлуката да се прикаже истополова двојка во цртаниот филм предизвика различни реакции.

За време на епизодата наречена “Семејства”, Пепа Прасе ја запознава својата нова пријателка Пени, чии мајки се поларни мечки.

Додека го црта портретот на своето семејство, Пени објаснува: „Живеам со мајка ми и другата мајка. Едната мајка е докторка, а другата готви шпагети“.

Цртаниот филм, напишан од британските аниматори Марк Бејкер и Невил Астли, се прикажува од 2004 година.

Ова е прв пат по 18 години во серијата да има истополови парови.

Пред две години во Америка беше покрената онлајн петиција со која се бара во цртаните серии да се воведат „ликови од истополови семејства“. Собрани се речиси 24 илјади потписи.

„Децата кои гледаат Пепа Прасе се на возраст кога впиваат сè“, напишале авторите на петицијата.

„Со исклучување на истополовите семејства од нивниот омилен цртан филм, тоа ги учи дека само самохрани родители или семејства со различен пол се нормални“, додаваат тие.

Роби де Сантос, директор за комуникации и надворешни работи во ЛГБТ организацијата Стоунвол, ги опиша истополовите парови во популарниот цртан филм како „фантастичен момент“.

„Многу деца кои ќе го гледаат цртаниот филм ќе имаат две мајки или двајца татковци и тоа ќе им значи многу на родителите и децата бидејќи нивното искуство е претставено во позната детска програма“, изјави тој за Би-Би-Си.

Пепа прасе не е првата детска програма во која има истополови парови.

Во американскиот цртан филм Артур, чија целна група се деца од 4 до 8 години, во 2019 година е прикажана геј свадба.

Последната епизода на Пепа Прасе предизвика жива дебата на Твитер.

„Лезбејките во Пепа Прасе… не може ли детската програма да биде само за деца?“, напиша еден корисник.

Други имаа поинаков став, со едно напишано: „Кој би помислил? Моите деца гледаа епизода со истополови парови и светот не се сруши“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП