19 април, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОДуплантис после светскиот рекорд: Можам уште подобро!

Дуплантис после светскиот рекорд: Можам уште подобро!

Шведскиот скокач со стап Арманд Дуплантис изјави дека за време на финалето на Светското првенство во атлетика во Јуџин размислувал само за победа и единственото злато што му недостасува, а не за нов светски рекорд.

Дуплантис веќе беше сигурен освојувач на златото кога во вториот обид ја собори границата на светскиот рекорд, која од денеска изнесува 6, 21 метри.

Олимпискиот шампион го подобри за еден сантиметар светскиот рекорд што го постави во март на Светското првенство во сала во Белград.

22-годишниот Швеѓанец ја освои последната голема титула што му недостигаше бидејќи веќе е европски шампион, олимписки шампион и светски шампион во сала.

„Тоа беше нешто што навистина го посакував и ми требаше“, изјави Дуплантис за „Би-Би-Си“ за единствениот златен медал што го пропуштил.

„Бев толку занесен во обидот да победам и да го освојам златото што, искрено, не ни помислував на светскиот рекорд. Тоа не ми ни падна на памет за време на натпреварот бидејќи само сакав да победам”, изјави Швеѓанецот.

Запрашан уште колку може да ја помести границата на светскиот рекорд, Дуплантис изјави дека „дефинитивно има уште простор за тоа“.

„Чувствувам дека сè уште не сум го максимизирал она што можам да го направам. Се додека чувствувам дека можам да ги надминам границите, мотивацијата сè уште ќе постои. Плус, се забавувам правејќи го тоа”, рече Дуплантис.

Во Јуџин, Дуплантис го собори светскиот рекорд во скок со стап по петти пат во кариерата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП