По успешниот почеток на новата концертна сезона на „Танец“, „Печат на времето“, со серијата прекрасни концерти во земјата, во Делчево, Радовиш, Свети Николе, Пробиштип и во Кичево, како и во Скопје, на јубилејното издание на фестивалот за македонско музичко творештво Денови на македонска музика, Националниот ансамбл за македонски народни игри и песни „Танец“, како и секоја година, традиционално ви го најавува големиот Велигденски концерт.
На овој гала-концерт ќе биде изведена атрактивна игроорна и вокално-инструментална програма од разни региони на земјата, на кои се создавало македонското фолклорно богатство. Со учество на целиот ансамбл на концертот ќе може да се проследат одушевувачки кореографски постановки, како „Малешевка“, „Сретсело“, „Копачија“ и други многубројни бисери од богатата вокално-инструментална ризница.

