28 март, 2024
ПочетнаАВТОБИЗАмериканците останаа без својот најевтин модел

Американците останаа без својот најевтин модел

Наскоро уште еден модел ќе исчезне од американскиот пазар. Тоа е „Chevrolet Spark“, чие производство официјално ќе заврши кон крајот на оваа година, откако една деценија беше еден од најприфатливите автомобили во САД.

Всушност, „Spark“ ја напушта сцената како најевтиниот нов автомобил кој моментално се продава во земјата по цена од 13.600 долари, не сметајќи ги трошоците за транспорт на возилото до купувачот, кои изнесуваат 995 долари. Со овој додаток, почетната цена на најмалиот „Chevrolet“ е 14.595 долари.

„Chevrolet“ не даде официјално објаснување зошто ќе го прекине производството на „Spark“ во САД, но портпаролот на компанијата потврди дека автомобилот ќе остане во производство до август 2022-ра година, по што ќе биде повлечен од линијата на возила од таа марка.

Компанијата додава дека клиентите кои „бараат удобност, функционалност и стил по прифатлива цена сè уште ги имаат вистинските опции во гамата на компактните теренци на „Chevrolet“.

Така, иако не се наведува директната причина за откажувањето од „Spark“, не е тајна дека сите производители на автомобили во САД предност им даваат на теренците.

Како што знаат љубителите на автомобили, „Spark“ влече корени од поранешната корејска компанија „Daewoo“, која го лансираше во 1998-ма година под името „Matiz“.

Малиот автомобил на Американците им беше претставен во 2007-ма година, преку концептното возило „Beat“, а во 2009-та година беше прикажан во сериска форма на саемот во Детроит.

На американскиот пазар конечно пристигна во 2012-та година, а станува збор за возило кое во Европа беше познато како трета генерација на „Chevrolet“ (Daewoo) „Spark“ (Matiz).

Во следните години, „Spark“ забележа скромен продажен успех за компанијата, во време кога производителите на автомобили сè уште закрепнуваа од кризата 2008-2010 година.

Четвртата (и последна), а за Американците втората генерација, почна да се продава во 2015-та година, а во текот на следните години привлекуваше сѐ помалку внимание кај купувачите бидејќи теренците и кросоверите го освојуваа пазарот.

Така, минатата година во САД се продадени само 24.459 примероци, што е пад од 26,9 отсто во однос на 2020-та година, што беше тешко за сите автомобилски компании поради кризата предизвикана од пандемијата.

Сепак, интересно е што „Spark“ и со толку слаб резултат минатата година го надмина легендарниот „Chevrolet Camaro“, кој во 2021-ва година стигна на адреси на 21.893 клиенти.

Со исчезнувањето на „Spark“, најевтиното возило во семејството на „General Motors“ станува „Chevrolet Trax“, субкомпактен теренец кој се продава за 22.595 долари.

Кога „Spark“ ќе влезе во историјата подоцна во оваа година, „Mitsubishi Mirage“ треба да ја врати круната на најевтиниот автомобил во Америка со почетна цена од 15.640 долари, вклучувајќи ги и трошоците за достава.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП