На 22 декември 2021 година, во Аудио култура, со почеток во 19.30 минути, се одржа промоцијата на втората книга на Весна Кираџиева, шесткратна атлетска шампионка на Македонија во маратон. „Кралицата ќе издржи“ е продолжение на првата книга со наслов „Издржи кралице“, на која Кираџиева се потпишува како коавтор заедно со нејзиниот брат.
„Кралицата ќе издржи“ претставува обемно и сериозно четиво, многу повеќе од само „обична“ книга за трчање и атлетичари. Дел патописи, дел интимни исповеди во вид на извадоци од личниот дневник на Кираџиева, но и субјективни согледувања на реалната состојба на спортот, односно атлетиката во Македонија. Добро истражена и структурирана, напати сериозна, но истовремено проткаена со многу хумор и топлина, како и одлични совети и предлози, „Кралицата ќе издржи“ е практичен прирачник за животот. Пораките коишто ги пренесува авторката се универзални – важноста на образованието, истрајноста, издржливоста и мотивацијата како двигатели во остварувањето на соништата, но и неопходноста од поддршка и човечка емпатија во еден суров свет како денешниот.





