Повеќето луѓе заразени со новата омикрон варијанта доживуваат благи симптоми на болеста, за што сведочат се поголемиот број случаи ширум светот.
Блага болка во грлото, замор, болки во мускулите слични на грип и блага треска се најчестите симптоми кај пациенти инфицирани со варијантата омикрон, кои биле лекувани во неколку индиски болници.
Од 14 случаи во болницата во Мумбаи, осум биле асимптоматски, а 13 биле пуштени на домашно лекување.
„Луѓето кои имаа симптоми најчесто се жалеа на болки во грлото, замор и болки во телото“, изјави дежурниот лекар за Тајмс оф Индија, додавајќи дека не е забележана прогресија.
ЦТ на белите дробови покажа дека ниту еден пациент нема промени во тој орган, што може да значи дека омикрон не предизвикува тешка пневмонија како некои претходни варијанти на коронавирусот.
Од 35 случаи во другата болница, половина немале никакви симптоми. Други пријавиле течење на носот, блага треска и блага кашлица. Меѓу нив, 25 лица се вакцинирани, а пет се малолетни.
Интересно е што ниту еден пациент не го изгубил чувството за мирис или вкус, што досега беше редовен случај на инфекција со коронавирус.
Сепак, лекарите истакнуваат дека се уште немале доволно пациенти за да можат да донесат општи заклучоци. Тие, сепак, додаваат дека за разлика од делта инфекцијата, кога пациентите имале повремени скокови во телесната температура, тоа не било случај со омикрон.