23 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИ„GAP“ ја намали својата годишна прогноза поради проблемите со снабдувањето

„GAP“ ја намали својата годишна прогноза поради проблемите со снабдувањето

„GAP“ ја намали прогнозата за приходите и профитот за 2021-ва година, откако проблемите со синџирот на снабдување доведоа до губење на продажбата и повисоки трошоци. Како резултат на веста, цената на акцијата на компанијата падна за време на пост-берзанското тргување, пишува „Bloomberg“.

Компанијата сега очекува нејзиниот приход да порасне за околу 20% за целата година. Ова е под претходната прогноза на компанијата за пораст од 30%. Според податоците собрани од „Bloomberg“, аналитичарите очекуваа приходите да бидат за 28% повисоки во оваа година.

Сопственикот на брендовите „Old Navy“ и „Banana Republic“, исто така, ја намали својата прогноза за профит поради „загубената продажба од 550 до 650 милиони долари предизвикана од ограничувањата на синџирот на снабдување со достапни залихи, како и приближно 450 милиони американски долари во вкупните трошоци за воздушен транспорт за годината.“

Прогнозата, откриена заедно со кварталните резултати, ги нагласува предизвиците со кои се соочуваат трговците на мало бидејќи побарувачката останува стабилна.

Според извршниот директор Соња Сингал, проблемите со синџирот на снабдување влијаеле на способноста на компанијата да одговори на високата побарувачка.

Како и многу други трговци на мало, „GAP“ користи воздушен товар и ја диверзифицира употребата на пристаништата за да се справи со доцнењето на испораката. Компанијата соопшти дека произведува околу 30 отсто од својата стока во Виетнам, земја која се соочи со продолжено затворање на погоните во последниве месеци, што го забави производството. Во разговорите со аналитичарите, менаџментот на „GAP“ истакна дека напорите за ублажување на проблемите со синџирот на снабдување биле „минливи“.

И покрај повисоките трошоци, „GAP“ успеа да ги надмине очекувањата на аналитичарите за својата бруто маржа. Компанијата со седиште во Сан Франциско соопшти дека нејзината бруто маржа достигна 42,1% во третиот квартал, поддржана од променетиот модел на нејзините европски деловни партнерства. „GAP“, исто така, укажува на подобрувања во трошоците за изнајмување, вработување и амортизација како дел од нејзините напори да го намали бројот на своите продавници.

Приходите за третиот квартал достигнаа 3,9 милијарди долари, што е пад од 1 отсто во однос на две години претходно и под прогнозите на аналитичарите од 4,4 милијарди долари.

Цената на акцијата на „GAP“ падна за 19% за време на тргувањето по работното време во Њујорк. Од почетокот на годината вредноста на акциите на компанијата е зголемена за 16%.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП