Дел од вработените во Театар „Комедија“ најавуваат бунт со правни и јавни механизми, доколку на местото в.д. директор, од каде е разрешена Нора Шаќири-Марковиќ, биде назначена актерката Магдалена Ризова-Черних. Тие не го спорат разрешувањето на Шаќири-Марковиќ ако така смета Министерството за култура, но бараат на нејзино место да биде Дарко Спасов, драматург, бидејќи во него имаат доверба.
„Не се согласуваме со разрешување на Нора Шаќири-Марковиќ и назначување на Магдалена Ризова-Черних. Шокирани сме од оваа одлука со која за нов в.д. директор се поставува човек што беше дел од претходната управа којашто беше разрешена поради неправилности во работењето. Можеби е крајно време Инспекторатот за труд да го посети Театар ‘Комедија’. Кога театарот беше на колена, во долгови и без услови за работа, со нарушени меѓучовечки односи, в.д. директорката што сега ја разрешува Министерството успеа да реши дел од овие проблеми и да го врати театарот на вистинскиот пат“, велат вработените во видеото кое го сподели актерот Атанас Атанасовски.

