Британскиот пејач-текстписец Ед Ширан ја освои главната награда најдобар уметник и најдобра песна за Bad Habits, додека јужнокорејскиот поп бенд „БТС“ однесе четири статуетки на Европските музички награди на Ем-ти-ви (ЕМА) во неделата вечерта, церемонија која годинава се врати како настан во живо по виртуелното издание во 2020 година, во екот на пандемијата.
„Ем-ти-ви“ претходно соопшти дека свеченото доделување на ЕМА-наградите, чиј домаќин беше Будимпешта, ќе се одржи на таа локација со цел да се покаже солидарност со унгарската ЛГБТК + заедница по јунскиот закон со кој се забранува „прикажување и промоција на хомосексуалност“ меѓу помлади од 18 години.

