25 април, 2024
ПочетнаЗДРАВЈЕНова студија: Луѓето може да живеат најмалку 130 години

Нова студија: Луѓето може да живеат најмалку 130 години

Луѓето најверојатно можат да живеат до 130-годишна возраст, а можеби и значително повеќе, но веројатноста за таква длабока старост засега е многу мала, покажуваат нови научни истражувања.

Горната граница на човечкиот живот е предмет на бројни истражувања и дискусии.

Една студија, заснована на медицински податоци од повеќе од 500.000 доброволци, објавена во јуни годинава во списанието „Nature Communications“, покажа дека горната граница на човечката возраст може да биде некаде помеѓу 120 и 150 години.

Но, некои научници веруваат дека не постои теоретска граница за времетраењето на човечкиот живот.

Нова студија, објавена во списанието „Royal Society Open Science“, анализирала податоци од „суперстогодишници“ односно луѓе постари од 110 години и податоци од „полу-суперстогодишници“, кои доживеале 105 години.

Ризикот од смрт обично се зголемува со возраста. Сепак, авторите на новата студија откриле дека престанува да расте по одредена возраст и запира со веројатност дека едно лице ќе умре наредната година, за што шансите се 50 наспроти 50.

„Човек со 110 години може да замисли дека веројатноста да живее уште една година е слична како кога фрла паричка“, изјавил за АФП, Ентони Дејвисон, професор по статистика на Швајцарскиот сојузен технолошки институт во Лозана (ЕПФЛ), кој го водел истражувањето.

„Ако се падне глава, тогаш ќе го дочекате следниот роденден, а ако не, тогаш ќе умрете во одреден момент следната година“, додава тој.

Врз основа на досегашните податоци, се чини дека луѓето можат да доживеат најмалку 130 години, но екстраполацијата од наодите имплицира дека не постои граница за човечкиот животен век, заклучува студијата.

Ваквите заклучоци одговараат на слични статистички анализи направени врз групи податоци за многу постари луѓе.

„Но, оваа студија ги зајакнува тие заклучоци и ги прави попрецизни, бидејќи сега има повеќе податоци“, вели Дејвисон.

Во својата студија, тимот анализирал две групи податоци.

Едната била собрана од базата на International Database on Longevity која содржи податоци за повеќе од 1.100 „суперстогодишници“ од 13 земји.

Втората доаѓа од Италија и содржи податоци за сите лица кои живееле најмалку 105 години во периодот од јануари 2009 до декември 2015 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП