26 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАНа 15 јули почнува јубилејното 20. издание на „Синедејс“

На 15 јули почнува јубилејното 20. издание на „Синедејс“

На 15 јули почнува јубилејното 20. издание на фестивалот на европски филм „Синедејс“. Фестивалот ќе се одржи на отворено на повеќе локации низ Скопје, а ќе трае до 21 јули. Ќе бидат прикажани повеќе од 40 филмови.

„Како увертира на годинешното јубилејно издание во тек е Европското патувачко кино, кое се одвива под отворено небо. Досега ги посетивме Крива Паланка и Струмица, а викендов ни следува Струга со која ќе го заокружиме загревање за официјалниот старт на 20. ‘Синедејс’. Јубилејот го одбележуваме со одлична програма, од која дел донесена директно од Канскиот фестивал, свежи наслови и имиња, како и богата музичка програма со која ги враќаме концертите во живот. Годинешнава програма, на наша радост, вклучува и гости од регионот и малку пошироко, дел од нив и физички присутни, дел онлајн со свои предавања, мастеркласови и средби со публиката. Особено сме горди што годинава имаме мастерклас на највлијателниот европски режисер изминативе 30 години, револуционер на современото кино, господинот Бела Тар. Едноставно правиме сѐ за да ја надминеме дистанцата и да го живееме и уживаме филмот во оваа топла, летна скопска недела на ‘Синедејс’“, вели Маргарита Арсова, програмски координатор на фестивалот.

Под слоганот „Филм фактор 20“ филмскиот пулс на „Синедејс“ ќе се прошири низ целиот град и програмата се сели „покрај вода“ или во „дебела ладовина“ на POP-UP КИНО локациите покрај Вардар, езерцето во Градскиот парк, на врвот на Водно или на Кале, покрај познатите локации како МКЦ, Градскиот парк, паркот Ибни Пајко и за најмладите – два детски филма во кино Милениум.

Селектор на програмата на 20. „Синедејс“ е долгогодишниот соработник на фестивалот, Бернд Будер, па и годинава ќе има филмови структурирани во повеќе селекции.

Како дополнителна програма на фестивалот е „Living music project“ со кој на пет филма ќе се изведува музиката во живо, создадена од различни тимови од композитори и режисер, потоа предавање на тема „Музиката во македонскиот филм“ на проф. д-р Александар Трајковски.

Годинава фестивалор првпат соработува со Уницеф и во рамки на фестивалот ќе се одржат работилници и филмски програми, кои ќе ја потенцираат важноста на филмската уметност во процесот на зачувување на животната средина.

На фестивалот публиката ќе има можност да ги погледне најновите остварувања на Јасмила Жбањич, Андреј Кончаловски, Висар Морина, Џиа Копола, Кирил Сребреников, Вуди Ален, Педро Алмодовар…

Програмата на cinEmusic ни го носи електронскиот состав Bella Technika, бенд составен од два члена на веќе непостоечкиот Дарквуд Даб, потоа новата сензација на домашната сцена, Дина Јашари, загребскиот феномен Свемирко, и за затворање – швајцарските инструментални магови L’éclair, за прв пат во Скопје.

Билетите ќе бидат по цена од 100 денари, за сите филмови, освен за филмовите од POP-UP КИНО, кои се бесплатни. Билетите може да се купат онлајн, преку bileti.mkc.mk, како и на самиот влез на овие локации.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП