5 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИ„Amazon“ останува лидер на пазарот на облачна инфраструктура

„Amazon“ останува лидер на пазарот на облачна инфраструктура

„Amazon.com“ ја задржа лидерската позиција на пазарот на облачна инфраструктура, што им дава закуп на компјутерската моќ, просторот за складирање и мрежните можности, изјави компанијата за истражување на пазарот „Gartner“, цитирана од „Wall Street Journal“.

Во 2020-та година, „Amazon Web Services“, облачната единица на технолошкиот гигант, оствари повеќе од двојно повеќе приходи од инфраструктурата отколку играчот број два, „Microsoft“, додаде „Gartner“ во својот нов извештај.

Од „Amazon“ соопштија дека „Swisscom“, швајцарска компанија за комуникација и информатичка технологија, го избра „AWS“ како свој јавен облачен провајдер за своите корпоративни ИТ процеси.

„Ова ќе им овозможи на операторите да се фокусираат на она што навистина е важно – градење иновативни услуги за нивните крајни клиенти. Ова се придобивките од облакот“, рече Адам Селипски, иден извршен директор на „AWS“, за време на виртуелната презентација на Светскиот мобилен конгрес. Следниот месец Селипски се очекува да го наследи Енди Џаси, сегашен извршен директор на „AWS“. Џаси ќе стане извршен директор на „Amazon.com“.

Иако „Amazon“ сè уште доминира на пазарот на облачна инфраструктура, нејзиниот удел е малку намален, бидејќи вкупниот пазар расте и другите играчи го зголемуваат своето присуство, според „Gartner“.

Приходите од облачна инфраструктура на „Amazon“ се искачија на 26,2 милијарди долари, но неговиот удел на глобалниот пазар се намали на 40,8% во 2020-та година од 44,6% во 2019-та година. Вкупниот пазар порасна за 40,7% на 64,3 милијарди долари во 2020-та година во споредба со 45,7 милијарди долари во 2019-та година, додава „Gartner“.

Приходите од облачната инфраструктура на „Microsoft“ во минатата година достигнаа 12,7 милијарди американски долари, што на компанијата и даде 19,7 проценти удел на пазарот.

Пандемијата на коронавирусот го поддржа растот на облачните услуги, рече Сид Наг, потпретседател на истражување на облачни услуги во „Gartner“. Компаниите мораа да ги зголемат своите понуди за облачни услуги за да им помогнат на вработените кои работеа од дома и на другите корисници кои користат видео конференции и дигитални алатки, рече тој.

Кинескиот технолошки гигант „Alibaba Group Holding“ минатата година се рангираше на третото место на пазарот на облачна инфраструктура со 6,1 милијарди долари приходи. Четврти е „Google“ со 3,9 милијарди долари. „Microsoft“, „Alibaba“ и „Google“ го зголемија својот удел на пазарот во 2020-та година, посочува „Gartner“.

Четворицата најдобри играчи ги задржаа своите позиции помеѓу 2019-та и 2020-та година.

Од „Amazon“ и „Google“ одбија да го коментираат извештајот на „Gartner“, а пак „Microsoft“ и „Alibaba“ не одговорија веднаш на барањата за коментар.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП