Македонскиот јазик, литература и култура веќе 45 години се изучуваат на Филолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет „М. В. Ломоносов“ – јубилеј којшто е исклучително значаен за македонистиката. По овој повод, утре – 18 мај 2021 година, со почеток во 13 часот, преку платформата Зум ќе се одржи свечен настан.
Настанот ќе го отвори ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), проф. д-р Никола Јанкуловски, а свои пригодни обраќања ќе имаат: Н. Е. Сергеј Александрович Баздникин, амбасадор на Руската Федерација во РС Македонија, Н. Е. Оливера Чаушевска-Димовска, в.д. амбасадорката на РС Македонија во Руската Федерација, проф. д-р Андреј Александрович Липгарт, декан на Филолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет „М. В. Ломоносов“ и проф. д-р Анета Дучевска, деканка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ.
Работниот дел ќе го отвори директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ (МСМЈЛК), проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, по што ќе следат излагања и сеќавања за работата на лекторатот по македонски јазик на Филолошкиот факултет при МГУ „М. В. Ломоносов“, и тоа од некогашни и сегашни лектори, како и од предавачи и професори коишто вистински се вградиле во работата на лекторатот по македонски јазик на универзитетот „М. В. Ломоносов“, а коишто како кадри пред сѐ излегоа од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, како и од Институтот за македонски јазик „Крсте Петков – Мисирков“ и Институтот за македонска литература при УКИМ.
Настанот ќе го одбележат со свој прилог:
– академик Ала Шешкен, професор на Катедрата за словенска филологија на Московскиот државен универзитет, научен соработник на Институтот за славистика при РАН, член надвор од работниот состав на МАНУ;
– проф. д-р Максим Каранфиловски, од Катедрата за славистика на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ (некогашен директор на МСМЈЛК и некогашен лектор на Московскиот државен универзитет);
– д-р Елена Верижникова, доцент на Катедрата за словенска филологија на Московскиот државен универзитет, почесен доктор на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“;
– Роза Тасевска, од Катедрата за славистика на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ (некогашен лектор на Московскиот државен универзитет);
– м-р Марија Пандева, актуелен лектор по македонски јазик на Катедрата за словенска филологија на Московскиот државен универзитет.
Особено радува што свое учество ќе имаат и студентите по македонистика на Катедрата за словенска филологија на Московскиот државен универзитет – на сите нивоа, додипломски, постдипломски и докторски студии, и тоа: Марија Јарославцева, Елена Гаркуша и Никита Никитин (студенти од прва година), како и Полина Гаврилова и Татјана Кленова (студенти на магистерски студии) и Наталија Кикило (студентка на докторски студии).
Во рамките на настанот, говорниците, одделно ќе се осврнат и на влогот на оние без коишто отпочнувањето со работа на лекторатот во Москва немаше да се случи – академик Рина Павловна Усикова и нејзиниот руски ментор, професорот Самуил Борисович Бернштејн, како и нејзиниот македонски ментор, професорот Блаже Конески.
Овој значаен јубилеј – 45 години македонистика на „Ломоносов“, којшто се одбележува во текот на годината кога се навршуваат 100 години од раѓањето на Блаже Конески, покажува дека мостот меѓу универзитетите „Св. Кирил и Методиј“ и „М. В. Ломоносов“, како и меѓу двете земји и двата народа, одлично функционира и до ден денес, но и дека обврзува и понатаму да се создаваат нови генерации македонисти и слависти од двете земји.
Одбележувањето на јубилејот следи по зимската школа организирана од МСМЈЛК, којашто се одржа на почетокот од оваа година, како и по извонредно организираната тркалезна маса на Рускиот центар, и двата при УКИМ. Со одбележувањето 45 години изучување на македонскиот јазик, литература и култура на Филолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет „М. В. Ломоносов“, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ го продолжува и достоинственото чествување на ликот и делото на Блаже Конески.
Овој настан е дел од годишната програма на МСМЈЛК при УКИМ, а се остварува во рамките на богатата програма посветена на големиот јубилеј на великанот Блаже Конески, како дел од Програмата на манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“, под покровителство на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, а во координација на Министерството за култура во соработка со Министерството за образование и наука.