28 март, 2024
ПочетнаКУЛТУРАВладите на Македонија и Франција потпишаа договор за зајакнување на филмската копродукција

Владите на Македонија и Франција потпишаа договор за зајакнување на филмската копродукција

Република Северна Македонија и Франција потпишаа договор, кој се однесува на филмската копродукција помеѓу двете земји, а во кој надлежни институции се Агенцијата за филм на Република Северна Македонија и Францускиот националниот центар за кинематографија и анимирани слики.

„Во рамките на една посета на Париз, што се одржа на 23 февруари 2021, нашите двајца министри за надворешни работи потпишаа договор за копродукција во областа на филмот. Посакуван од страна на Македонската агенција за филм, овој договор претставува, пред сè, признание на македонската кинематографија, која е во полна обнова, а ја имаме денес таа среќа со нас да бидат двајца нејзини најголеми претставници“, се истакнува во писменото соопштение од француската амбасада во Македонија.

Ова, како што појаснуваат од таму, ќе значи дека една идна француско-македонска копродукција ќе може да побара поддршка во Франција исто како да е француски филм. Како што знаете, се истакнува во писмениот допис, Франција го има еден од најуспешните системи за поддршка на филмот.

Од таму додавааат дека веќе постои француско-македонска соработка во областа на филмот.

Сметам дека со овој договор условите се обединети за оваа соработка да се интензивира уште повеќе, а врз основа на овој договор да изградиме повеќе надеж за младите и блискост за граѓаните од нашите две земји. И моја желба е овој договор да биде што побргу инкубатор за едно идно француско-македонско ремек-дело“, изјави амбасадорот на Р. Франција во С. Македонија, Сирил Бомгартнер.

„Овој билатерален договор помеѓу македонската и француската влада за филмска копродукција е важен како да потпишете размена на играчи помеѓу македонската и бразилската фудбалска репрезентација. Франција е земја со најдолга и најбогата филмска историја и има огромна важност во европската и светската кинематографија. Македонскиот нов филмски бран, кој доживува успеси, со овој договор ќе може да ги прошири хоризонтите уште повеќе и да се отвори можност да се создаваат нови квалитетни филмски дела под услови поволни за двете страни“, изјави Бојан Лазаревски, директор на Агенцијата за филм.

„Уште кога почнавме да правиме филмови, сфативме дека единствениот начин да постоиме е да бидеме дел од европскиот систем и да не бидеме изолирани бидејќи убавината и богатството на филмската уметност е токму разновидноста. Уметноста и науката одат пред политиката, а овој договор е доказ за тоа. Истражував дека Франција веќе има потпишано ваков договор со Германија, со Италија, а фактот што на нашата мала Македонија ѝ е дадена ваква можност, преку која не само што може да се аплицира во француските филмски фондови, кои што се многу, но и француските филмови може да дојдат во Македонија, и тоа не само по0ради локациите, туку и поради човечкиот потенцијал: филмските креативци и работници, како и актерите“, изјави режисерката Теона С. Митевска.

„Ова е веројатно најголемиот формален исчекор на македонската кинематографија во нејзината скромна историја. Затоа што кога зборуваме за европски филм, во суштината на оваа кованица стои државата Франција. Не само заради браќата Лимиер, Жорж Мелијес, Трифо, Годар, Лук Бесо, туку затоа што Франција е креатор на европската културна политика, која дава рамноправна шанса на малите нации со големите, а овие вредности се втемелени од принципите на Француската Револуција.

Со овој договор влегуваме во битот, во суштината на европскиот филм, кој претставува критиката на општеството, слободата на изразувањето, како и културната диверзификација. Среќен сум поради можноста да соработуваме со француски продуценти, со француски автори, бидејќи копродукција не значи само размена на пари, туку значи размена на креативен потенцијал“, изјави Игор Иванов – Изи, претседател на Друштвото на филмските работници на Македонија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП