28 март, 2024
ПочетнаКУЛТУРА„Дедо и внук“ најдобар странски филм на Independent Film Awards во Лондон

„Дедо и внук“ најдобар странски филм на Independent Film Awards во Лондон

По шест вредни награди на познати фестивали шурум светот, играниот филм „Дедо и внук“ на режисерот Илија Пиперкоски е прогласен за најдобар странски филм на престижниот Independent Film Awards во Лондон.

Лондонскиот независен филмски фестивал е британски филмски фестивал што се одржува секоја година во април. Со преку 1.000 пријавувања на филмови од повеќе од 50 земји, станува збор за еден од најреномираните фестивали на сцената. Се доделуваат признанија на филмови и сценарија од над 70 земји од целиот свет во над 20 категории, вклучувајќи играни и кратки филмови, документарци, студентски филмови, анимации, телевизиски реклами, музички видеа и натпревар за сценаристи.

Претходно „Дедо и Внук“ ја освои наградата за најдобра режија на The Buddha International Film Festival, наградата за „Најдобар филм“ на Интернационалниот Филмски Фестивал во Париз, а доби и две признанија за извонреден придонес во светот на филмот (Outstanding contribution to the world of Cinema) од 4-th Dimension Independent Film Festival и уште една награда на TIFF -Tagore International Film Festival во категоријата играни филмови. Досега две награди за фотографија освои и Директорот на фотографија, Патру Паунеску.

Режисерот Пиперкоски, кој го напиша и сценариото за филмот, раскажува прекрасна приказна, со која сите гледачи ќе можат длабоко да се идентификуваат – проблемите со здравството, политиката, корупцијата, но и обичните човечки приказни и односи момче-девојка, татко-син и дедо-внук.

Во филмот играат: Салаетин Билал, Дејан Лилиќ, Даниела Ивановска, Горан Стојаноски, Благој Веселинов и други актери. Продуцент е Огнен Антов од „Дрим фактори“, во соработка со: „Пандорас бокс продукција“ и „Елиен филм“ од Романија, и е финансиски помогнат од Агенцијата за филм на РСМ. Директор на фотографија е романецот Патру Паунеску, сценографијата е на Владимир Зафирковски, костимограф е Жаклина Крстевска, композитор Оливер Тевчев, а монтажата ја направи Данчо Стефков.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП