24 април, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОБаерн и Челси ја комплетираа големата „осумка“ во Лигата на шампионите

Баерн и Челси ја комплетираа големата „осумка“ во Лигата на шампионите

Актуелниот носител на трофејот, Баерн Минхен и препородениот Челси под Томас Тухел се последните два четврт-финалисти во Лигата на шампионите, откако ја зголемија предноста која ја имаа во гостинските мечеви од осминафиналето.

Баварците, кои својата работа ја завршија во Рим пред две недели, со 2:1 го „довршија“ Лацио, додека Челси со 2:0 славеше над Атлетико Мадрид на „Стемфорд бриџ“, во меч одбележан со (не)реакцијата на ВАР системот што ги налути гостите.

Меѓу најдобрите осум на стариот континент се три англиски екипи: Челси, Манчестер сити и Ливерпул, два германски состави – Баерн и Борусија Дортмунд и по еден од Франција (Пари Сен-Жермен), Шпанија (Реал Мадрид) и Португалија (Порто). Ждрепката е во петок во 12 часот и нема да има никакви ограничувања за потенцијалните противници.

Во Лондон, Хаким Зијеш го постигна својот прв гол за Челси на „Стемфорд бриџ“ во 34. минута од мечот, десетина минути откако Атлетико Мадрид не добија очигледен пенал по фаулот на Цезар Азпиликуета над Караско, за кој судијата Даниеле Орсато и неговите помошници во ВАР-собата решија дека не е важен. Емерсон во 94. минута зголеми на 2:0 откако Атлетико останаа со играч помалку по директниот црвен картон за Стефан Савиќ.

За Атлетико, ова претставува нов европски неуспех и сега со цела сила ќе тргнат по трофејот од Ла лига, каде што се лидери, додека за Челси ова е продолжување на одличните резултати под Томас Тухел.

Во Германија, пак, Роберт Левандовски во 33. минута од пенал го отвори резултатот со водство за Баерн, а Ерик-Максим Чупо-Мотинг во 73. минута зголеми на 2:0, пред Марко Пароло во  82. минута да постигне гол против европскиот шампион.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ, 1/8 ФИНАЛЕ, 2.МЕЧ

Челси – Атлетико Мадрид 2:0, прв меч 1:0, вкупно 3:0

Баерн Минхен – Лацио 2:1, прв меч 4:1, вкупно 6:2

ЧЕТВРТ-ФИНАЛИСТИ ВО ЛШ

Челси (Анг), Баерн Минхен (Гер), Манчестер сити (Анг), Порто (Пор), Борусија Дортмунд (Гер), Ливерпул (Анг), Пари Сен-Жермен (Фра), Реал Мадрид (Шпа)

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП