13 декември, 2024
ПочетнаКАРИЕРАЗошто Ајнштајн го плази својот јазик?

Зошто Ајнштајн го плази својот јазик?

Било 14 март 1951 година. Алберт Ајнштајн тој ден наполнил 72 години. Познатиот физичар, роден во Улм, Германија, живеел со години во САД и работел во Институтот за напредни студии во Принстон. Таму организирале роденденска прослава во негова чест.

Кога го напуштил Институтот по церемонијата, надвор бил пречекан од фоторепортери. Тие сакале да слушнат неколку анегдоти од светски познатиот професор за состојбата во светот и да направат совршена фотографија за роденденот. Ајнштајн бил уморен од сите роденденски говори и гужви, а и сигурно не му се допаѓала медиумската љубопитноста.

Тој само сакал да си оди. Но, не можел. Седел на задното седиште во лимузината, на средина помеѓу поранешниот директор на Институтот, Френк Ајделат и неговата сопруга Мери. „Доста е, доста е“, велел тој пред новинарите, но тие не го оставале на мира. „Еј, професоре, насмејте се за роденденска фотографија!“, дофрлил еден од нив.

Ајнштајн, кој бил неконвенционален слободоумен човек, најпосле го исплазил својот јазик кон досадните репортери. Фотографот Артур Сас ја искористил приликата и го притиснал копчето на блендата. Таа фотографија ќе го обиколи светот.

Фотографијата му се допаднала на Ајнштајн

Расеаниот професор со разбушавена коса и лежерна облека, кој често заборавал да облече чорапи, а чија теорија на релативност до ден денес ретко кој ја разбира, е претворен во мит додека е сè уште жив. Култната фотографија му даде статус на икона на популарната култура.

Но, не беше фотографот тој кој ја направи фотографијата славна, туку самиот Ајнштајн. Му се допаднала, нарачал бројни копии, ги пресекол за да не може да се гледаат неговите придружници во автомобилот, туку само неговата фигура со исплазен јазик.

Ја испратил таа фотографија до пријателите, колеги и познаници. Пред неговиот последен пријател Јоханa Фантов, тој со задоволство флертувал со улогата на аутсајдер. Тој наводно и се доверил: „Исплазениот јазик го покажува мојот политички став“.

Ајнштајн за човечката глупост

Бидејќи имал еврејско потекло, Ајнштајн ја напуштил Германија по доаѓањето на нацистите на власт. Тој знаел како изгледа лов на вештерки кога државата ќе земе на заб една група луѓе. Поради тоа, тој не можел да го одобри ловот на наводни комунисти инициран од фанатичен антикомунист, американскиот политичар Џон Мекарти. Многу политичари, интелектуалци и уметници се обвинети дека се „неамериканци“.

„Владеењето на глупавите не може да се заобиколи, бидејќи ги има многу, а нивните гласови се бројат како нашите“, смета Ајнштајн. Наводно, и уште една популарна мисла доаѓа од него: “Две работи се бесконечни. Универзумот и човечката глупост, но за универзумот не сум баш сигурен”.

Ајнштајн на тие глупости се спротиставил со својата генијалност и – неговиот исплазен јазик. Денес можеме да го видиме во милиони примероци, на постери, маици, разгледници, чаши и мурали. Генијалниот професор и во денешните генерации сè уште има многу обожаватели.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП